Малкумина возачи се свесни дека токму нивниот стил на возење има директно и значајно влијание врз потрошувачката на гориво. Без оглед на тоа дали возите постар или понов автомобил, со рачен или автоматски менувач, одредени навики зад воланот можат да направат забележлива разлика – и во сметката за гориво, и во оптоварувањето на моторот.
Кај автомобилите со рачен менувач, клучна улога има правилното менување на степените на пренос. Раното префрлање во повисок степен при забрзување и подоцнежното враќање во понизок степен при забавување може значително да ја намали потрошувачката. Препорачливо е моторот да не се „врти“ непотребно, туку да се одржува во оптимален опсег на вртежи.
Според експертите, најефикасниот опсег на работа на моторот е помеѓу 1.500 и 2.500 вртежи во минута. Во овој интервал, оптоварувањето и потрошувачката се најниски, а моторот работи и потивко. Во пракса, тоа значи дека возачот може да се води и по звукот на моторот – ако е премногу бучен, најчесто тоа значи дека работи над оптималниот опсег.
При тргнување, педалата за гас не треба да се притиска до крај. Умерено забрзување, со притисок до околу две третини од нејзиниот од, се покажува како најефикасно. Откако ќе се постигне саканата брзина, нејзиното одржување без нагли промени е еден од наједноставните начини за заштеда на гориво.
Општо правило е дека возењето со брзина од околу 70 до 80 проценти од максималната брзина на возилото е најекономично. Кај повеќето автомобили, тоа значи движење под 130 километри на час. Дополнително, предвидливото возење, навремено тргнување на ногата од гас и умерено кочење, овозможува подобро искористување на кинетичката енергија и помала потрошувачка.
На подолги и рамни делници, како автопатите, темпоматот може да биде корисна алатка за одржување константна брзина и стабилна потрошувачка. Сепак, во густ сообраќај или на делници со чести промени на ритамот, неговата употреба може да има спротивен ефект, особено ако возилото нема адаптивен темпомат.
Уште еден често занемарен фактор е тежината на возилото. Секој дополнителен товар ја зголемува потрошувачката. Само 50 килограми дополнителен багаж може да значат и до 0,3 литри повеќе гориво на 100 километри. Затоа, возењето со непотребен товар (полн багажник или кровни носачи кога не се користат) директно влијае на ефикасноста.
Во време на високи цени на горивата, промената на навиките зад воланот е еден од наједноставните и најефективни начини за заштеда. Без дополнителни инвестиции, со малку повеќе внимание и смирен стил на возење, секој возач може да направи разлика – и за својот буџет, и за животниот век на автомобилот.
