Неодамна во Скопје се отвори КОМБО, здружението за креативна одржливост, со свој простор во црвените згради на почетокот на населба Железара. Неговите активности и цел веднаш привлекоа голем број на посетители уште со првите настани кои ги организираа сестрите Анастасија и Ивана Павловски, односно девојките кои стојат позади оваа идеја реализирана и преку физички простор. Настаните кои девојките ги организираа веднаш го привлекоа вниманието на локалната заедница, но и на луѓето од другите делови на градот.

Правно, КОМБО е здружение за креативна одржливост, а во пракса КОМБО претставува креативен простор и иницијатива која има за цел да го намали отпадот кој ни ги загадува населбите и природата, да едуцира за креативните начини на коишто може секој поединец да живее поодржлив живот, да поттикне позитивни промени во локалната заедница и да поддржи млади уметници во реализирање на нивните креативни потенцијали – велат сестрите за Трн.
Во време кога конзумеризмот го достигнува својот врв и кога се соочуваме со најголемите последици врз планетата, еколошката свесност на поединците е неопходно да се шири и да расте. Оваа иницијатива не само што се фокусира на еколошката одржливост во теорија, туку со ангажирање на локалната заедница и нејзините интереси веќе во неколку наврати се труди да го сврти вниманието кон екологијата, животната средина и обновливите начини на живот.

Во поглед на овој однос на природата и локалната заедница, но и потребата за меѓусебна грижа од која ќе произлегуваат и простори кои ја рефлектираат таа заедничка грижа, тие велат:
– Мотивацијата за отварање на КОМБО ни доаѓа од место на загриженост за правецот во кој се движи светот – огромен консумеризам кој ги полни депониите со отпад, неетичко користење на природните ресурси и ставање на профитот над благосостојбата на животната средина и луѓето, човековото оддалечување од заедницата и појава на хипериндивидуализмот, занемарувањето на културата и уметноста, и секако понижувачката состојба на младите во државава. Од таму, решивме да креираме простор чија примарна работа ќе биде креативно справување со најразлични видови на отпад кои граѓани ни го донираат или пак го наоѓаме. А секундарно, но не и помалку важно, да претставува место каде ќе се собираат млади, каде ќе се слушне нивниот глас, и каде ќе се создаваат можности за соработка и реализирање на општествено позитивни иницијативи кои ќе го зајакнат чувството на припадност и одговорност према самата заедница. Дополнително, сметавме дека е навистина важно во помалите населби да се култивира културен живот, како што порано се правело преку домовите на култура, бидејќи преку вакви трети места за дружење, граѓаните добиваат шанса да се инспирираат, вмрежуваат, созреваат и заеднички да создаваат.

Начинот на функционирање на ова здружение и простор, инспирацијата и желбата на Анастасија и Ивана се важен пример не само за активното граѓанство и односот кон природата, кон основните работи важни за животната средина, туку и за чувството дека во Скопје, сепак се случуваат важни иницијативи во служба на градот и неговите жители. Тие додаваат дека досега, просторот го користат за најразлични работилници за колажирање со стари материјали, правење вазни и саксии од преработено стакло, правење на хартија и така натаму.
– Просторот е јадрото на нашиот настан „Маалски бувљак”. Од oктомври до сега успеавме да одржиме две изложби на млади уметници-Зафир Јованов и Анастасија Зафировска, потоа го препуштивме просторот на нашиот прв КОМБО гостин-Амар Качар одржлив дизајнер кој организираше своја низа на работилници и настани насочени кон реупотреба. Исто така тука ги продаваме и нашите реупотребени и редизајнирани предмети и облека. Во моментов сме во подготовка на уште еден простор, веднаш до нашиот, кој ќе биде библиотека со името Невена, истата ја отвараме благодарение на режисерот Наум Паноски и неговата сопруга Невена, кои ја препознаа нашата мисија и решија да ни ги донираат своите книги за истите да служат и на нови генерации читатели.
Велат дека од септември, просторот ќе има постојани термини за работилници за дечиња, каде ќе учат за екологијата преку креативност и игра, но и дека просторот наскоро ќе стане Крафт-кафе, во кое секој ќе може да дојде, да избере материјал и да создава уметност додека пие кафе. Свесни се дека ваквите креативни концепти се повеќе од потребни, не само на Скопје туку и на секоја општина која сака да си ги задржи и ислуша младите. Тие се оддишка, простор за уживање и можност за придонес од заедницата, односно места за култивирање грижа на различни генерации.
Од љубовта кон природата, но и свесноста за промените како и потребата за поставување на добар пример, КОМБО ги очекува своите посетители кои ќе го почувствуваат просторот како дома. Посетители кои преку различните типови на активности ќе се едуцираат, дружат и истовремено забавуваат во време кога не смееме да ја заборавиме критичката мисла и поврзувањето со заедницата токму преку проблемите кои ги имаме како општество.