Преговорите меѓу Иран и САД ќе започнат во Исламабад преку посредници, по што се очекува да продолжат со директни разговори, објави CNN повикувајќи се на извори блиски до преговорите. Според информациите, двете страни најпрво ќе ја усогласат агендата преку посредство на пакистанските домаќини, а потоа би можеле да преминат на директни средби во текот на истиот ден.
Истовремено, извори на Washington Post наведуваат дека американската страна ќе побара ослободување на американски државјани кои се наоѓаат во притвор во Иран. Сè уште не е јасно колку силен притисок ќе биде извршен од страна на администрацијата на Доналд Трамп, но дел од дипломатите предупредуваат дека ова прашање може да стане пречка доколку преговорите се комплицираат.
Иранската делегација веќе пристигна во Исламабад, а ја предводи претседателот на парламентот Мохамед Багер Галибаф, кој порача дека Техеран ќе одговори соодветно доколку Вашингтон се обиде да манипулира со преговорите.
Според договорената рамка, страните претходно се согласиле на двонеделен прекин на огнот, а потоа и на директни разговори. На маса се спротивставени предлози – Вашингтон бара укинување на санкциите и отворање на Ормутскиот теснец, додека Техеран инсистира на контрола врз регионот и целосен крај на воените операции.
Поранешни дипломати предупредуваат дека состанокот во Исламабад носи висок ризик, бидејќи преговорите започнуваат директно на највисоко ниво без претходни пониски фази на усогласување, што ја намалува можноста за компромис.
Дополнителна неизвесност внесува и фактот дека евентуален неуспех би можел да има сериозни политички и безбедносни последици за двете страни, како и за поширокиот регион.