Започнуваат генетски тестови во женската атлетика – што значат новите правила?

Светската атлетика од оваа недела воведе ново правило според кое сите спортистки што сакаат да се натпреваруваат во женската категорија на светски рангирани натпревари мораат да направат еднократен генетски тест за да се утврди нивниот биолошки пол.

Според организацијата, оваа мерка има за цел да ја заштити фер конкуренцијата и да обезбеди рамноправни услови во женскиот спорт. Главната цел на тестирањето е откривање на SRY генот – ген што се наоѓа на Y хромозомот и е одговорен за развој на машки физички карактеристики.

Тестот се изведува преку брис од образ или крвен тест и се прави само еднаш во текот на кариерата на спортистката. Доколку се утврди дека не постои Y хромозом, спортистката добива зелено светло да се натпреварува во женската категорија. Но ако тестот е позитивен, можно е да станува збор за лице со разлики во развојот на полот (DSD), каде што, и покрај машките хромозоми, надворешниот изглед и полот при раѓање се женски. Во такви случаи следува подетална медицинска проценка. Исклучок се прави само за спортистки со состојба наречена целосен андрогенски имунитет (CAIS), кои и покрај XY хромозомите не поминале низ машки пубертет и не стекнале физички предности што ги носи тестостеронот.

Според Светската атлетика, над 90% од натпреварувачките што ќе настапат на Светското првенство во Токио веќе се тестирани. Во некои земји, како Франција и Норвешка, ваквото тестирање е забрането со закон, па дел од спортистките биле принудени да дадат примероци во странство. Во Канада, пак, неколку спортистки морале повторно да се тестираат поради техничка грешка при собирањето на примероците.

Темата за полот во спортот станува се поактуелна уште од 2009 година, кога јужноафриканската атлетичарка Кастер Семенја победи на Светското првенство на 800 метри. Таа подоцна беше идентификувана како личност со 46 XY хромозоми и состојба наречена 5-алфа-редуктазна дефицитија. Иако е регистрирана како жена при раѓање и има женски изглед, таа има внатрешни тестиси и нема матка. Случајот предизвика силни реакции и долгогодишна правна борба, при што Семенја тврдеше дека новите правила се дискриминаторски и дека ја повредуваат нејзината човекова достојност.

Во 2023 година Светската атлетика забрани трансродови жени кои поминале низ машки пубертет да се натпреваруваат во женски натпревари, а DSD спортистките мораа драстично да ги намалат своите нивоа на тестостерон за да бидат елигибилни. Но подоцна, работна група на организацијата заклучи дека дури и по намалување на тестостеронот, не се губи целосно биолошката предност, па затоа предложи воведување на генетски тест како посигурен и помалку инвазивен метод.

И други спортови почнаа да ги следат овие чекори. Светскиот боксерски сојуз воведе задолжително тестирање пред Светското првенство во Ливерпул, откако две спортистки што претходно беа дисквалификувани поради неуспешно тестирање, освоија златни медали на Олимписките игри во Париз 2024. Случајот предизвика голем јавен притисок врз Меѓународниот олимписки комитет, кој традиционално беше против ваквите тестирања, но новата претседателка Кирсти Ковентри најави дека заштитата на женската категорија ќе биде приоритет, и не ја исклучи можноста вакви тестови да станат задолжителни и на Олимписките игри во Лос Анџелес 2028.

Иако голем дел од спортистките го поддржуваат тестирањето, има и критики. Американската тркачка Ники Хилц, која е трансродова и се идентификува како небинарна личност, изјави дека мерката е разочарувачка и поставува опасен преседан. Некои научници, вклучително и професорот Ендрју Синклер – кој всушност го откри SRY генот – тврдат дека присуството на овој ген не е доволно за да се утврди биолошкиот пол, и дека има опасност од лажно позитивни резултати или погрешни дијагнози.

Светската атлетика уверува дека резултатите ќе се чуваат на безбеден и енкриптиран систем, и дека секоја спортистка ќе има право на повторно тестирање и жалба преку Спортскиот арбитражен суд. Исто така, предвидено е медицинско советување за секој случај со позитивен резултат, за спортистките да бидат целосно информирани за евентуалните здравствени, психолошки и социјални последици.

Иако некои предупредуваат дека новите правила може да доведат до правни предизвици и нови дебати за човекови права, претседателот на Светската атлетика Лорд Коу изјави дека е уверен оти политиката е правично спроведена и дека е во согласност со меѓународните стандарди. Тој додаде дека „во елитниот спорт, за да се натпреваруваш во женската категорија, мора да си биолошка жена“. Сепак, со оглед на комплексноста на прашањето, дебатата околу полот, спортот и правичноста е далеку од завршена.

Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни