Единаесеттото издание на Викендот на гордоста Скопје се одржува од 1 до 13 јуни во Музејот на современа уметност, МКЦ и КСП „Центар-Јадро“. Викендот на гордоста е фестивал за квир култура, уметност и теорија и има за цел е да создаде простор за промоција на ненормативните форми на светообразување, односно, на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитетите што од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст се обележани како квир, ексцентрични и неуспешни.
Тематскиот фокус на СПВ 2023 е КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ: Историја, афекти, утопии. Проблемите што ќе ги адресира годинашното издание тргнуваат од мноштвото квир-теории и историографии што го ставаат прашањето на времето и историјата во центарот на своите иследувања. Во посебен фокус на фестивалот е преиспитувањето на хегемониските националистички историографски наративи и политиките на националните архиви, како и нивните стратегии на бришење, исклучување и игнорирање на невидливите и тајните истории на сексуалните и родовите малцинства и нивните искуства, како и можностите за ревизија, преисчитување, преиспишување и презамислување на историските (отсутни) траги и гласови и ефемерните архиви на квир-луѓето.
Раѓишевски, со чија изложба се отвара овогодинешниот Викенд на гордоста, работи интердисциплинарно, користи уникатни алатки при уредување на материјалите, комбинира факти со фантазија, компонира документи од парчиња сеќавање и за да прикаже неочекувани алтернативни траги на сеќавањата. Не само што ги открива индивидуалните и ретки искуства туку и ги документира и историите на различните заедници. На изложбата ќе бидат претставени неговата мултидисциплинарната и архивска практика преку периодичниот фанзин „ДИК“ кој тој го издавал и уредувал и проектот КАИ што ја претставува параинституцијата Институтот за квир-архиви која ја основал. Освен тоа ќе бидат прикажани и монументалната серијата „Галерија на портрети“ (2020 – во тек), серијата „Сида“ (2012 – во тек) презентирана преку стратегија на спојување на архивски материјали со гестови на апропријација, изложени во форма на принтови, слики и тапети, клучното негово дело „Зумбул“ (2019-2020) и филмовите „Кишленд“ (Kiseiland, 2012) и „Мојот драг пријател од Советскиот Сојуз“ (Mon chéri Soviétique, 2021).
на 2 јуни во 21 часот во МСУ, ќе се одржи перформансот „ОСУДЕНИК“ (GONER) на едно од најатрактивните имиња во современата кореографска и танцова практика – Малик Нашад Шарпе (UK) со уметничко име Marikiscrycrycry, чии настапи се познати по сценирањето на силна атмосфера. Делото претставува сензуално, напнато и застрашувачко кореографско патување во психолошките длабочини на хоророт низ кој поминува ликот на Осуденикот.
Перформансот само ги навестува злоупотребата, миграцијата, отуѓувањето, припадноста, зависноста и насилноста, а примената на формалните алатки на авторството и естетиката на хоророт создава радикална визуелна уметност од маргинализирана перспектива. Делото ја испитува перцепцијата на специфичните култни наративи, каков што е возбудливиот, крвав и психолошки хорор, и тоа во контекст на црнечката хорор-традиција.