Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 17 до 24 август во Скопје под мотото #пресечи (#cutit). Тематски фокус на фестивалот е монтажата на документарните филмови.
Фестивалот ќе се одржи на 4 локации – Куршумли-ан, платото на Музеј на Македонија, Младински културен центар и Супи-ан, додека мастеркласовите ќе се одржат во Даутпашин амам.
Отворањето на фестивалот е на 17 август во Куршумли-ан, во 20 часот. На филмската програма се проекциите на филмовите „Над рудникот“ на Тео Аудоар и Лова Карлсон (Франција), во 21 часот, и „Танцувајќи ја Пина“ на Флоријан Хејсен Сиоб (Германија), во 21.15 часот.
Дејството во краткиот документарец „Над рудникот“ се одвива во Кируна, во северниот дел на Шведска. По низа чудни настани, градот е ставен во движење.
Долгометражниот документарен филм „Танцувајќи ја Пина“ е со приказна која ја слави уметноста на легендарната танчарка Пина Бауш и луѓето што денес ја толкуваат нејзината работа. Два од нејзините танцови проекти покажуваат како младите танчари од целиот свет повторно го откриваат нејзиниот уникатен кореографски стил. Тие се водени од поранешни членови на компанијата „Танцтеатар“ на Бауш.
По филмската програма концерт во Куршумли-ан ќе одржи локалната група „Искра“.
Билетите за филмските проекции веќе се распродадени, додека ќе може да се набават билети за концертот после 22.30 часот.
Филмската програма на 14. „МакеДокс“ е распоредена во пет категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентски документарци и Програмата за деца и младинци. Земја во фокус годинава е Данска.
„МакеДокс“ во соработка со фестивалот на анимиран филм „Флипбук“ ќе прикаже и неколку наградувани анимирани документарни филмови кои биле дел од програмата „Анидок“.
Годинава фестивалот „МакеДокс“ е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Министерството за култура, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен цeнтар во Софија, Амбасадата на Кралството Шпанија, Францускиот институт, Грчкиот културен центар, Данскиот филмски центар, МЕДИА деск МК, „Вардар филм“, Младинскиот културен центар, Музеј на РСМ, Археолошки музеј, Факултетот за ликовни уметности, Националната галерија на РСМ, такси „Глобал“.