Фестивал кој се оградува од тоа да биде ограничен

Започнува четиринаесетто издание на „Д Фестивал“

Утре во Дојран започнува овогодинешното, четиринаесетто издание на „Д Фестивал“, најголемиот и најомилен летен фестивал во Македонија. Тродневна прослава на позитивната атмосфера преку музика, филм, театар…претставено на неколку бини и фестивалски камп, а посетено од 15 000 насмеани лица со реномирани артисти од домашната и светска музичка сцена. Симбол на заедништвото, убаво поминатото време, дружењето и на крај на денот љубовта.

Ова издание нѐ очекува можеби и најголемата заинтересираност и посетеност до сега. Не очекува 72 часовна забава со преку 50 артисти и повеќе од 30 активности во камп зоната. Дел од активностите во кампот се гледање на Европско првенство, стенд ап, кајакарење,играње на друштвени игри, филмови, шишање, тетовирање, јога, дебати…

Ниту еден ден на Д Фестивал не е досаден, велат организаторите. Годинава на фестивалот се приклучуваат и Лабораториум со свое ќоше со игри, квизови, како и Бреинстер, тука се и невладини организации Хера, Екуалити, ХОПС и КРИК.

-Д Фестивал веќе 14 година по ред има за цел да ја приближи македонската публика и младите генерации до еден ваков тип на фестивал. Секогаш во фокус го имаме тоа да да повеќе од 30% од програмата биде исполнета со македонски изведувачи. Оваа година на главната бина ги имаме ЛД Пистолеро, Санаториум, Пич Вајз, Луфтанза, БДМ, ДЈ Флудер. Исто така, двата стејџа ,,Смут‘‘ и ,,Браво‘‘ се наменети за македонски нови и млади артисти и ДЈ-. Тука зборуваме за бројка од повеќе од 30 нови македонски артисти. На дел од овие изведувачи ова е и првата сцена на која го имаат својот прв настап. Ова се настапи кои се памтат и се прераскажуваат со години, вели за Трн Рамона Кочишки од Д Фестивал.

На годинешниот Д Фестивал за главната бина е најавена Фатумата Диавара, претпознатлива со нејзиниот вокал и моќни перформанси.

„Гласот на Фатумата е хипнотизирачки спој на традиционалната афричка музика и модерното, беспрекорно проткајувајќи ги различните жанрови. Како застапник за африканската култура, таа ја отелотворува и го слави духот на жената во нејзината уметност“, стои во најавата за Фатумата, која е и активистка што се залага за поддршка на женските права и социјалната правда.

На Д Фест пристигнува и еден од најпопуларните кавер бендови, „Нувел ваг“ за да го промовира својот нов, петти албум „Should I Stay or Should I Go?

„Волшебно патување со „Нувел Ваг“ низ безвременските класици „Love Will Tear Us Apart“, „Dancing with Myself“ и „Just Can’t Get Enough“ преработени во уникатниот спој на меланхоличен пост-панк и боса нова, заедно со нивниот храбар пристап на француска реинтерпретација“, соопштуваат од „Пасворд продикција“, која стои позади „Д Фестивал“.

На главниот стејџ годинава ќе ги видиме и Лил Памп, најавен дека ќе ја донесе „несекојдневната атмосфера на „Gucci Gang“, каде што секој момент е шоу на лудило“, а на агендата се и музичкиот состав од Хрватска – „Елементал“, потоа Санаториум, Јокер Аут, Дебота Де Лука, Луфтанза, Џонас Блу, Ле Пистолето и многу други.

На стејџот „Мosquito“, за прв пат доаѓа легендарниот поп-реге бенд од Босна, „Зостер“ кои до сега имаат издадено пет студиски албуми, а новиот студиски албум наречен ‘Најгори’ кој излезе во 2023 постигна неверојатен регионален успех.

„Нивните теми како „Фестивал Будала“ и „Банана стејт“ се реалноста која ја живееме, а нивниот светски звук е токму она што ни треба за жешкото Дојранско сонце за време на Д Фестивал’“, велат организаторите.

„Корпорација Вагина“, „Зостер“, „Паркети“, „Фолтин“, „Савршени Маргиналци“ се дел од артистите на стејџот „Мosquito“

На „Д Фестивал“ годинава повторно ќе биде активиран и стејџот „Shake D Lake“. Овде, во соработка со „Sure Shotz“, ќе настапуваат повеќе трапери како Хилјсон Мандела, Бакс, Ружно Паце, Бон Праскиза, Лука Чомбе, Булз, Шорти Пи, Ири Скреч и Огипилсон.мк

– Д Фестивал важи за еден фестивал со кои растеле и растат многу генерации. Секогаш помладите генерации слушаат за времето кога постарите браќа, сестри, родители како си поминувале и како го доживеале фестивалот. Впечатокот што го добиваме е дека интересот расте се повеќе и повеќе од годинава во година, а за нас тоа претставува една голема мотивација и предизвик при организирање на толку голем настан што има уште поголемоз начење кај публиката- вели Рамона за Трн.

Музичката индустрија, вели таа, се движи многу брзо, се повеќе и повеќе излегуваат и се менуваат нови трендови.

-Со многу од нив се врзуваме затоа што тоа се некои од работите што публиката ги бара и очекува од нас, на пример електро и трап музиката се во подем и голем дел од програмата го опфаќа тие жанрови. Но, покрај самото тоа што се дава некаков поголем фокус на актуелните трендови, не значи дека се запоставуваат сите останати. Д Фестивал се оградува од тоа да биде ограничен. Д Фестивал нуди широк спектар на различнивкусови и жанрови, од електро, реге, панк, инди-рок, хип-хоп, трап, поп… Д Фестивал е фестивал за сета публика, без да се врзува за одредена граница.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни