Започнува 7. издание на филмската ревија „Златна рамка“

Особено значајно е што овогодинешното издание на „Златна рамка“ се совпаѓа со јубилејот – 75. години од основањето на Друштвото на филмски работници на Македонија

Од 26. до 28. јуни, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ), ќе се одржи седмото издание на “Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ). Тридневната ревија ќе понуди богата програма од најновите македонски кратки, документарни и долгометражни филмови, а влезот за сите проекции е бесплатен.

Иницирана како дел од стратешката програма за афирмација на филмската уметност и поддршка на домашната продукција, филмската ревија „Златна рамка“ се етаблира како еден од клучните настани во македонската културна сцена. Со своето седмо издание, ревијата ја продолжува својата мисија – да ја претстави актуелната продукција транспарентно и критички, да ја доближи до домашната публика и медиумите, како и да придонесе кон унапредувањето и квалитетот на македонската кинематографија преку стимулирање на продукциската и креативната динамика во индустријата.

„Златна Рамка“, покрај тоа што е филмска ревија, претставува и платформа за професионален дијалог, каде филмските автори, продуценти и актери дискутираат за релевантни прашања, ги споделуваат своите достигнувања и остваруваат соработки.

Особено значајно е што овогодинешното издание на „Златна рамка“ се совпаѓа со јубилејот – 75. години од основањето на Друштвото на филмски работници на Македонија – здружение што има витално значење за развојот и заштитата на македонската кинематографија од нејзините почетоци до денес. Од своето основање, ДФРМ претставува глас и поткрепа за сите професионалци во домашната филмска индустрија.

“Златна рамка“ ја симболизира основната кинематографска единица, рамката, и на симболичен начин ги обединува творештвото, критиката, традицијата и современоста во македонскиот филм. Со секое ново издание, ревијата ја афирмира својата важност како двигател на културен дијалог што ги надминува жанровските, лингвистичките и културните граници.

Во рамки на тридневната програма, присутните може да очекуваат да уживаат во програма со различни долгометражни филмови, кратки и документарни филмови од најновата македонска филмска продукција.

ПРОГРАМА

Краткометражни филмови: На 26 јуни со почеток во 18 часот ќе бидат прикажани пет кратки филмови. На програмата се остварувања на режисерите: Елеонора Венинова, Халим Лута, Надежда Панов, Трифун Ситниковски и Васил Христов

Долгометражни филмови:

  • 27 јуни, 20:30 часот: “Убиј ги прво децата“ во режија на Димитар Оровчанец, во продукција на “Трис Филмс“.
  • 28 јуни, 20:00 часот: “Најтешкото нешто“ во режија на Сердар Акар, во продукција на “Сектор филм“.

Документарна програма:

  • 27 јуни, 19:00 часот: “Време на бетон“ во режија на Игор Иванов, во продукција на “Скопје Филм Студио“.
  • 28 јуни, 18:00 часот: “Богатство“ во режија на Арсим Фазлија, “Сејви Продукција“.

Дополнително, на 28 јуни, како дел од социјалната програма ќе се одржи и специјална проекција на „Најтешкото нешто“ во Домот за стари лица “Мајка Тереза“ за публиката која не може да го посети киното “Фросина“.

Извор: Нулта.мк

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни