На Косово денес се одржуваат локални избори за градоначалници и членови на општинските совети во 38 општини. Почетокот симболично го означи претседателот на Централната изборна комисија (ЦИК), Крешник Радониќи, кој гласаше на избирачко место во Пеќ, јавуваат приштинските медиуми.
Избирачките места се отворени од 7 до 19 часот. Право на глас имаат 2.025.105 регистрирани гласачи, како и дополнителни 43.993 кои се регистрирани за гласање по пошта однадвор од Косово. Тие ќе избираат меѓу 206 кандидати за градоначалници, од кои 20 се жени, и меѓу 5.420 кандидати за членови на општинските совети.
Во изборниот процес се вклучени институции како полицијата, државното обвинителство, Изборната комисија за жалби и претставки, Судскиот совет на Косово и Независната медиумска комисија, со цел изборите да се одвиваат без проблеми, пренесува порталот Reporteri.net.
Централната изборна комисија одобри учество на изборите на 32 политички партии, 2 коалиции, 32 граѓански иницијативи и 27 независни кандидати. На изборите учествуваат и 12 српски партии и иницијативи, од кои најсилна е Српска листа, поддржана од официјален Белград, која е сестринска партија на Српската напредна странка.
„Ова се судбински избори за Србите“
Претставниците на Српска листа во текот на кампањата истакнаа дека овие избори се „судбински за Србите во Косово и Метохија“ и дека тие мора да покажат единство и да ја поддржат Српска листа, „за со пенкало да ги сменат нелегитимните албански градоначалници“, како и да ги вратат четирите општини на север под своја контрола, и да ја потврдат победата во шест општини во централниот дел на Косово, јужно од Ибар, јави Радио-телевизија Србија.
Српска листа одлучи да учествува на овие избори, откако претходните ги бојкотираше. Со тоа тогаш дозволи албански градоначалници да ја преземат власта во четири општини со српско мнозинство, со учество на само 3,4% од избирачите, од мај 2023 година.
Репортери на РТС јавуваат дека од утрово се засилени контролите на влезот во Косово, каде раселени Срби од централна Србија се упатиле да гласаат.
Организиран автобуски превоз нема, поради безбедносни причини, а на преминот Јариње, на северот на Косово, се вршат целосни контроли.
„Имаме измени во процесот според законот кој стапи на сила во 2023 година. На овие избори ја подобривме платформата, сите општински центри се опремени со опрема за броење. Очекуваме броењето на гласовите за советници да започне утре наутро“, изјави претседателот на ЦИК, Крешник Радониќи, кој очекува дека изборниот ден ќе помине без проблеми.