Од ноќеска, часовникот се врати еден час наназад. Освен еден час подолг сон, граѓаните треба да внимаваат на други промени.
Од 1983 година до денес, и Македонија и останатите европски земји двапати годишно го „поместуваат“ часовникот:
- последната недела во март – премин на летно време (час напред),
- последната недела во октомври – премин на зимско време (час наназад).
Намерата на оваа практика била да се искористи природната дневна светлина и да се намали потрошувачката на електрична енергија, особено во летните месеци.
Сепак, со тек на време се покажа дека придобивките се помали од очекуваното – и енергетски и економски. Истовремено, честите промени на биолошкиот ритам кај луѓето и животните носат здравствени и организациски потешкотии.
Затоа Европската унија уште во 2018 година предложи укинување на двојното сметање на времето, но крајна одлука сè уште не е донесена. Секоја држава ќе треба самостојно да избере дали ќе го задржи летното или зимското време.
Иако многумина не се воодушевени од повторното „поместување на стрелките“, оваа промена сепак носи една мала предност – ќе спиеме еден час подолго.
