Започна снимањето на продолжението на култната „Жикина династија“, еве кој глуми

Во Белград е во тек снимањето на новото продолжение на познатиот серијал „Жикина династија“ во режија на Милан Коњевиќ, а по сценарио на Милена Марковиќ.

Новиот филм ќе се вика „Враќањето на Жикина династија“, а главната улога ја толкува Никола Којо, кој се враќа во ликот на Миша Павловиќ по повеќе од 30 години. Миша во Србија го пречекува своите синови кои долго време не ги видел бидејќи живеат со Наташа во Москва, но кога пристигнуваат момците кои ги носат имињата на своите прадедовци – Жика и Милан, започнува нова луда година, полна со смеа, авантури и семејни вредности.

Од старите ликови се враќаат Весна Чипчиќ како Фрау Елза, како и Владимир Петровиќ како Боба, а продуцентите најавуваат дека ќе има уште неколку изненадувања.

Снимањето на филмот редовно го следи и Јован Марковиќ, креаторот на стариот серијал, кој е активно вклучен и во продукцијата на новиот дел, како ко-продуцент и консултант на сценариото. Новото сценарио го напиша неговата ќерка, Милена Марковиќ.

„Емотивно е. Од една страна, многу ми е драго што се продолжува овој серијал и сагата на Жикина династија, којa ја прифати публиката – и младата и старата, од тогаш па сѐ до денес. Ова продолжение е, практично, на барање на публиката која толку многу го посакуваше тоа. Ми е драго што гледам посветен и компетентен труд на екипата што работи на овој дел. Но, малку сум и тажен, бидејќи повеќето од главните актери од старите филмови веќе не се со нас. Го сретнав Влада Петровиќ по 40 години, и двајцата со одредена тага се присетивме на времето кога беа со нас Гидра, Марко, Јелена, а посебно ми е жал што прерано нѐ напушти Риалда, која требаше да има голема улога во ова продолжение“, изјави Јован Марковиќ за „Курир“.

Тој прокоментира и дали овој филм ќе им се допадне на новите генерации.

„Се потрудивме да задржиме одредена врска меѓу старите филмови и начинот на кој тие беа направени, како и начинот на кој беа претставени нашите херои, што публиката го сакаше. Во новиот филм, главниот лик е внукот, а каков дедо, таков и внук, но сега тоа е приказна со многу повеќе случувања и побрзо темпо. Мислам дека направивме органски спој меѓу духот на старите филмови и брзината на модерниот живот“, наведе тој.

Пра-внуците на легендарните ликови ќе бидат во фокусот на новиот филм, а новиот Жика ќе го глуми Никола Брун, додека Милан ќе го игра Гаврило Иванковиќ. Една од главните улоги ќе ја толкува познатата манекенка и водителка Даниела Димитровска, за која ова ќе биде прва филмска улога. Тука се и познати актерски имиња како Срѓан Тимаров, Младен Совиљ, Јово Максиќ, Милена Предиќ, Слободан Бода Нинковиќ, како и младите актерки Катерина Вељовиќ, Тамара Радовановиќ и Мина Ненадовиќ.

Филмот се снима на локации во Белград, Панчево и на Златибор.

Премиерата е планирана за есен 2025 година.

Најново

Последни колумни