Започна снежната бајка: Македонија под снежна покривка

Во Скопје и околината се очекуваат послаби врнежи од снег, дожд и влажен снег, додека на околните ридско-планински подрачја ќе врне исклучиво снег

Од утринава, од југозапад започнаа да се прошируваат пообилни врнежи во Македонија, кои во најголем дел се во форма на снег. Со тоа, во земјава започна формирање, зголемување и проширување на снежната покривка, што означува вистински зимски амбиент.

Причината за ваквото време е изразената циклонска активност над Медитеранот, која носи влажна воздушна маса, во комбинација со продор на студен воздух од север и североисток на Европскиот континент. Овој спој создава идеални услови за снежни врнежи и ниски температури.

Според мерењата до раните утрински часови, насекаде низ Македонија се регистрирани минусни температури, со појава на мраз и поледица. Температурите се движат под нулата во сите региони, што дополнително придонесува снегот да се задржува и да формира стабилна снежна покривка.

Во текот на денот, снег ќе паѓа во поголем дел од земјата, а најобилни врнежи се очекуваат во западните и југозападните предели, каде снежната покривка во градските средини ќе достигне од 5 до 10 сантиметри. На повисоките и планинските места, снежната покривка ќе биде значително поголема.

Во Скопје и околината се очекуваат послаби врнежи од снег, дожд и влажен снег, додека на околните ридско-планински подрачја ќе врне исклучиво снег. Ќе дува источен и југоисточен ветер, кој особено во Повардарието повремено ќе засилува.

Утринските температури ќе се движат од -7 до 1 степен, додека дневните ќе достигнат од -2 до 5 степени. Во Скопје, утрото ќе биде околу -4 степени, а дневната температура ќе се искачи до околу 2 степени.

Поради снегот, мразот и можната голомразица, се апелира до возачите на крајна внимателност, особено на планинските превои и повисоките патни правци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни