Во Париз започна вонредната седница на францускиот парламент, на која пратениците ќе гласаат за доверба на владата на премиерот Франсоа Бајру.
Бајру, кој е четврти премиер на Франција во последните три години, изјави пред парламентот дека ова е “тест на вистината” кој го побарал со поддршка од претседателот Емануел Макрон, пренесува BFM телевизија.
„Најголемиот ризик беше ништо да не се преземе, да продолжиме со истата политика како и досега. Мнозинството од вас го сметаа ова за неразумно, но јас мислам спротивно,“ рече Бајру, додавајќи дека е време да се покрене „историското прашање на националниот долг“.
Според Reuters, Бајру се соочува со речиси сигурен пораз на денешното гласање, што ќе ја внесе втората најголема економија во ЕУ во нова политичка неизвесност.
Што ќе се случи ако падне владата?
Ако повеќе од половина пратеници гласаат против владата, таа ќе падне. Тоа ќе значи дека претседателот Макрон ќе мора да назначи нов премиер – помалку од една година откако го смени претходниот конзервативен премиер Мишел Барние.