Со паролата ,,Профит за Усје, болест за народот” започна протестниот марш во организација на граѓанската иницијатива Стоп за Усје, кој денеска се одржува под мотото „Стоп за Усје“.
Маршот започна во 12 часот од улицата „Илинденска“, односно од пред Владата, а продолжува кон Собранието и Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Оваа сабота одиме на марш, поради молкот на институциите и бегањето од одговорност. Излегуваме на улица за правото на чист воздух и за конечно институциите да почнат да реагираат, бидејќи ниту еден профит не е поважен од животот на граѓаните“, стои во повикот на иницијативата.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека поради одржувањето на протестниот марш денеска е воведен посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Скопје, со повремени пренасочувања на сообраќајот.

Од „Стоп за Усје“ посочуваат дека со месеци испраќале барања и дописи до надлежните институции, но дека не добиле конкретни одговори. Поради тоа, како што велат, повторно излегуваат на улица со барање за транспарентни податоци и мерења за влијанието на фабриката врз амбиенталниот воздух.
Иницијативата нагласува дека протестот е граѓански и аполитичен и дека нема да се дозволи партиска промоција, партиски симболи или политичка злоупотреба. Упатен е повик маршот да помине мирно, без насилство и говор на омраза.
Наспроти обвинувањата, од ТИТАН Усје реагираат дека тврдењата против компанијата се неаргументирани и тенденциозни и дека не придонесуваат за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот. Од компанијата велат дека ја разбираат загриженоста на граѓаните, но дека, според нив, фактите покажуваат оти цементарницата не е причина за загадувањето во Скопје.





