Акцијата за пошумување е во полн ек – со заеднички напори на еколозите и шумарите се садат 21.000 садници од видот бука (Fagus sylvatica), кој според експертската проценка е најсоодветен за ова подрачје. Овој вид не само што е автохтон за пределот, туку и најзастапен – токму по него регионот го носи името Буковиќ.
„По скоро две години од отпочнувањето на проектот, после многу истражувања и анализи на терен, конечно успеавме да ги започнеме активностите за обнова на Буковиќ, кој е исклучително важен биокоридор за крупните ѕверови. Горда сум што првпат, заедно со шумарскиот сектор, работиме за иста цел, а тоа е заштита на живеалиште, кое е дом на критично загрозениот балкански рис и придонесуваме кон одржливост на шумските екосистеми. Сакам да изразам огромна благодарност за посветеноста и одличната соработка со ЈП “Национални шуми”, особено на Подружната единица “Шар”- Гостивар, кои го дадоа својот огромен придонес за успешна реализација на активностите, како со својата експертиза, така и со работа на терен“, изјави Сара Крстевска, проектна асистентка во Македонското еколошко друштво.
Садниците се обезбедени од „Пинус“ – Кавадарци, од кои 20.000 беа набавени, а дополнителни 1.000 се донација од компанијата – чин кој ја покажува важноста на заедничката одговорност во заштитата на природата.
Со оваа акција не се обновува само шумскиот покров, туку се придонесува и за заштитата на едно од последните природни живеалишта на загрозениот балкански рис. Пределот Буковиќ е дел од важен биолошки коридор, кој овозможува движење и опстанок на оваа ретка дива мачка.
Пошумувањето се спроведува во рамки на проектот „Иницијатива Северни шуми“, што го реализираме заедно со партнерите PPNEA од Албанија и Регионалната канцеларија на IUCN за Источна Европа и Централна Азија, со целосна поддршка од Шведската поштенска фондација.
Македонското еколошко друштво со оваа акција испраќа силна порака: преку обнова на шумите – го обновуваме и животот.
Пошумувањето на Буковиќ претставува долгорочна инвестиција во природата, но и во иднината на регионот.