Започна најголема интервенција на ослободување на нафта во историјата

Меѓународната агенција за енергија одобри ослободување на 400 милиони барели нафта од стратешките резерви за да го ублажи глобалниот шок поради фактичкото затворање на Ормускиот теснец.

Меѓународната агенција за енергија (IEA) одобри ослободување на 400 милиони барели нафта од итните резерви, во обид да се надомести губењето на снабдувањето предизвикано од фактичкото затворање на Ормускиот теснец.

Одлуката, која ја поддржале сите 32 земји членки на агенцијата, претставува најголемото координирано ослободување на нафтени резерви во историјата на IEA, соопшти извршниот директор на агенцијата Фатих Бирол.

„Предизвиците со кои се соочува пазарот на нафта се без преседан по својот обем. Затоа сум многу задоволен што земјите членки одговорија со исклучителна колективна акција“, изјави Бирол.

Според IEA, итните резерви ќе се пласираат на пазарот постепено, во временска рамка што ќе зависи од националните околности и потребите на секоја држава.

Шести ваков потег во историјата

Ова е шести пат агенцијата да одобри координирано ослободување на нафтени резерви. Слични интервенции имало во 1991, 2005, 2011 и двапати во 2022 година.

Членките на IEA во моментов располагаат со повеќе од 1,2 милијарди барели итни државни резерви, додека дополнителни 600 милиони барели се чуваат како индустриски резерви во рамки на националните обврски.

Колку долго би траеле 400 милиони барели?

Иако интервенцијата е значајна, експертите предупредуваат дека таа не може долгорочно да ја стабилизира ситуацијата.

Според анализата на BBC, 400 милиони барели нафта се количина што светот ја троши за околу четири дена. Во нормални услови, тоа е и количината што би поминала низ Ормускиот теснец за приближно 20 дена.

Одлуката на IEA се смета за силен сигнал дека владите се обидуваат да го ограничат економскиот шок предизвикан од кризата на Блискиот Исток. Сепак, глобалниот енергетски пазар и понатаму останува зависен од нормалното функционирање на нафтените транспортни рути.

По објавувањето на мерката, цените на нафтата накратко паднаа, но потоа повторно пораснаа, бидејќи и понатаму не е јасно кога конфликтот во регионот ќе заврши и кога снабдувањето со нафта ќе се нормализира.

Меѓународната агенција за енергија предупреди дека состојбата на пазарот на нафта е „невидена по размери“, формулација која обично сигнализира притисок за раст на цените на енергенсите на глобалните пазари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни