Во заедничка акција на сириската и турската полиција вчера во Сирија се откриени и конфискувани околу девет милиони таблети каптагон, вид на амфетамини.
Сириското Министерство за внатрешни работи соопшти дека дрогата била наменета за турскиот наркопазар.
По едномесечна операција на сириската и турската полиција каптагонот е откриен во градот Алепо, при што се уапсени и неколку лица.
Владата на поранешниот претседател Башар ал-Асад беше позната по производството на синтетичката дрога каптагон. Приходите од продажбата на каптагон биле користени за финансирање на режимот на Асад за време на граѓанската војна во Сирија, што почна во 2011 година.
По соборувањето на режимот на Асад на 8 декември минатата година откриени се големи количини каптагон во магацини и поранешни воени објекти.
Во март ирачките безбедносни сили запленија повеќе од еден тон каптагон од Сирија што поминал низ Турција. Еден месец подоцна, Јордан пресретна пратка сириски каптагон и конфискуваше стотици илјади таблети.