Градот Скопје како инспирација во записите на Евлија Челебија

Погледнуваме назад кон патеписите на Челебија за да го споредиме духот на османлиско Скопје и сегашноста која ги носи белезите на историјата, или барем тоа што останало од нив. Непроценливата љубов на овој патник кон земјите од соседството и патот, потсетуваат дека Скопје отсекогаш бил град со душа и град кој инспирира. Простор каде културите дишат заедно и создаваат мозаик кој сите го препознаваат и му се воодушевуваат.

Еден од најпознатите патеписци во Османлиското Царство, опишувајќи ги своите патувања низ Османлискиот свет и соседните земји, пишува и за градот Скопје низ перспективата на гостин, но и директен набљудувач на духот, традицијата и животот во минатото кои се од непроценлива важност за нашата историја и култура. Вистинското име на Челебија било Мехмед Зили, со одлично образование и пристап до културниот живот на империјата.

Погледнуваме назад кон патеписите на Челебија за да го споредиме духот на османлиско Скопје и сегашноста која ги носи белезите на историјата, или барем тоа што останало од нив. Непроценливата љубов на овој патник кон земјите од соседството и патот, потсетуваат дека Скопје отсекогаш бил град со душа и град кој инспирира. Простор каде културите дишат заедно и создаваат мозаик кој сите го препознаваат и му се воодушевуваат.

Облик и положба на градот Скопје  – Тоа е голем град, кој се наоѓа на пространо и рамно, со зеленило обраснато и со градини накитено место на левата и десната страна на реката Вардар. Тој град го красат повеќе илјади интересни градби, кои се соѕидани од тврд материјал, а се наоѓаат на западната страна на реката и на местото каде е и тврдината. Има седумнаесет махали.* Историчарите го нарекуваат ова Скопје Мазендерански Рум*.

Тврдина – Тоа е утврден град, чиста и јака ѕидина со двојни бедеми. Тоа е прекрасна населба и голем муслимански град. Нејзиното население е на високо ниво.  Градската капија и бедеми се изградени од клесан камен кој свети кога е полиран. Толкава префинетост и уметност во обработката на каменот не може да се види во ниеден друг град. Архитектот-мајстор така ја изградил, исклесал и исвајал големи мраморни столбови над тие бедеми како да ги направил во од гипс. Таквото мајсторство изразено е можеби само во академијата на божествениот Платон во Атина која е сега Фатихова џамија.

Тоа е висок град и Шедадовска градба* во петоаголен облик. Бедемите, од кои на сите страни е опасен град, високи се до 50 аршини. Градот е украсен со седумдесет бастиони, а шехерот повторно со околу две илјади дуќани, така што е многу убав. Градот има три демир-капии кои се свртени на југоисточна страна, а во предворјето на секоја висока капија стојат многу стражари. Вратата и ѕидовите на тоа предворје се украсени со разни оружја и алат за оружје. Тука нема никаква положба која би доминирала со градот, а самиот лежи на многу високи карпи, така што од него се гледа целото поле.

Од западната страна на тврдината рече реката Вардар. На таа страна има еден пат кој од градот води низ пештерата ,,Водена кула” која се наоѓа на брегот на реката. Имајќи предвид дека на таа страна на градот се наоѓа провалија  страшна како пеколна бездна, тој таму воопшто нема ровови, ниту може да ги има. На источната,  југоисточната и северната страна на градот се наоѓа длабок ров од остри карпи. На таа страна пред капијата, се наоѓа дрвен мост преку ровот. Стражарите понекогаш го дигаат тој мост на витло и така прават брана пред капијата. Над таа капија се наоѓа напис кој говори за тоа кога таа капија е поправена. Тој гласи

Мурад син на Мехмед-Хан година осумстотини и педесетта.

Фотографија: history.mk

Чаршија –  Таа се состои од две илјади сто и педесет дуќани. Тука има плоштади и базари кои се градени од тврд материјал и украсени сводови и куполи. Од сите најубави се čarsija bezzaza (трговците кои продаваат памучни ткаенини) čarsija gazzaza (кои изработуваат и продаваат свилени ткаенини), чадорџија (кој изработува чадори), папуџија (хаффафа), бојаџија и такјаџија (кои изработуваат капи), тоа се големи чаршии изградени по план. Сокаците им се чисти и калдрмисани. Секој дуќан го красат зумбули, љубичици, рози, зимски рози (нерсин), босилок, јоргован и замбак (крин) во вазни и саксии. Тие со својот мирис просто го опиваат мозокот на посетителите и трговците.

Тука има образовани и чесни луѓе. За време на топлите горештини целиот скопски пазар личи на  багдадски фрижидери затоа што сите негови чаршии се со наткривени капаци и сводови како во Сараево и Халеб.

Интересни споменици – На прво место се истакнува една саат-кула која се наоѓа пред Горниот град, близу Царевата џамија, а личи на минаре. Отчукувањето на нејзиниот часовник се слуша на далечина од еден ден одење, но гласот му е многу страшен. И самата кула на саат-кулата е многу интересна.

Во самиот центар на Долниот град има едно турбе по име Баба Локман. Тоа бил некој мудрец. Со помош на науката за Талисманите тој направил врела жива вода. Тоа е толку питка вода како да се точи од рајскиот извор Кевсер. Болниот кој ќе испие капка од таа вода сигурно ќе оздрави и ќе се опорави. Во вовј извор пливаат многу риби. Многу луѓе тука се враќаат говорејќи:

Ако се заврши среќно мојата работа, нека рибите го изедат лебот што сум им го фрлил сам. А, ако мојата работа е безуспешна и ако нема да се заврши среќно, тогаш тие нека не го јадат мојот леб.

И за божјо чудо  рибите по налог на живиот и семоќен бог го јадат лебот на многу луѓе и работата им тргнува од рака: многумина пак не сакаат ни да се проближат ниту да го изедат лебот, па за нив работата не успева.

Имарети – Во Скопје има девет имарети ( бесплатни јавни кујни) чии добронамерни столови наутро и навечер се трајно поставени за гости и муџавири, патници и намерници, улеми, дервиши и бедници, господа и сиромаси. Од овие имарети особено се истакнува: имаретот на Јаја Паша, Царевиот имарет, Коџа Мустафа Пашиниот и имаретот на Иса-бег, синот на Ишак бегот, кои се постојано отворени.

Од јадењата кои постојано ги приредуваат на гозбите познати се: јагнешкo печено во тепсија, рибји капами и други јадења од риба. Од овошја убави им се и пријатни јаболките, дуњите (екмек-ајваши), сливовите бардаклии и шефтелии.

Oд пијалоците, светски глас имаат медовината со копар, хардалија, екстракт од пелин, малинов сок и слатко вино (шира).

Белешките на Челебија за Скопје се траен белег во историјата на нашиот град, сведок на културниот и историскиот развој кој се менувал низ времето. Од уреденоста на градот, до неговата гостопримливост и традиција, денес имаме посебна емотивна слика за него, токму преку неговите записи кои сведочат за издржливоста, отвореноста и топлината на Скопје.

Насловна фотографија: ancientpages.com

Превод : Ивана Јовановска

Извор: Putopis (odlomci o jugoslovenskim zemljama)

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни