Инцидентот се случил пред зградата во која Галетановски живее, во скопската населба Кисела Вода.
Галетановски за „Слободен печат“ изјави дека го разбудил неговиот брат со вест дека автомобилот му е во пламен и дека се слушаат експлозии – веројатно од пукнатите гуми. Веднаш по дојавата, на терен интервенирала противпожарна екипа која го изгаснала пожарот. Според него, сведоци забележале лице кое побегнало од местото на настанот – се опишува како висок и слаб маж, облечен во дуксерка.
– „Автомобилот е целосно уништен. Лицето што го сторило ова е видено како бега. Позната е траекторијата на неговото движење. Немам конфликти со никого, ниту пак сум добивал закани“, изјави Галетановски, додавајќи дека очекува брза реакција од Министерството за внатрешни работи.
Тој апелираше до МВР и до министерот за внатрешни работи итно да го откријат сторителот, истакнувајќи дека не се работи само за материјална штета, туку и за безбедноста на граѓаните.
– „Не сакам младите во Кисела Вода да растат во средина во која се случуваат вакви инциденти. Сакаме мирен живот, не само во нашата населба, туку и во цело Скопје“, рече Галетановски.
Полицијата изврши увид на местото на настанот, а истрагата е во тек.