Западна Вирџинија го тужи Apple за недоволна заштита од материјали со сексуална злоупотреба на деца

Државата Западна Вирџинија поднесе тужба против Apple, тврдејќи дека iCloud станал платформа за ширење материјали со сексуална злоупотреба на деца. Се бараат построги мерки и отштета.

Државата Западна Вирџинија поднесе тужба против Apple, тврдејќи дека компанијата дозволила нејзината услуга iCloud да стане, според наводи од интерни комуникации, „најголема платформа за дистрибуција на детска порнографија“.

Во тужбата се наведува дека Apple ја става приватноста на корисниците пред безбедноста на децата. Ова е прв ваков случај покренат од владина агенција во врска со дистрибуција на материјали за сексуална злоупотреба на деца на платформата за складирање податоци на компанијата, пренесува Reuters.

Обвинувања од државниот обвинител

Државниот обвинител на Западна Вирџинија, го обвини Apple дека свесно ја занемарува безбедноста на децата. Неговиот кабинет цитира текстуална порака од 2020 година, испратена од тогашен раководител на одделот за борба против измами во Apple, во која се наведува дека поради приоритетите на компанијата iCloud станал „најголема платформа за дистрибуција на детска порнографија“.

„Тие снимки се траен запис на детска траума, а детето повторно се виктимизира секој пат кога тој материјал ќе биде споделен или прегледан“, изјави МекКаски. „Тоа е одвратно однесување, а недејствувањето на Apple е непростливо.“

Западна Вирџинија бара законска и казнена отштета, а со тужбата поднесена до Окружниот суд во округот Мејсон се бара судот да го обврзе Apple да воведе поефикасни мерки за откривање вакви материјали и побезбеден дизајн на производите.

Откажување од системот NeuralHash

Apple претходно размислуваше за воведување систем за скенирање на слики, но се откажа поради загриженост за приватноста и безбедноста на корисниците. Постоеше страв дека ваквиот систем би можел да биде злоупотребен од влади за цензура или апсења.

Во август 2021 година компанијата го најави системот NeuralHash, кој требаше да скенира слики на уредите на корисниците пред нивно поставување на iCloud, со цел да се откријат материјали со сексуална злоупотреба на деца, а истовремено да се зачува приватноста. Сепак, системот наиде на критики од безбедносни експерти и застапници за приватност.

Еден месец подоцна воведувањето беше одложено, а во декември 2022 година целосно откажано. Истовремено, Apple воведе опција за целосна (end-to-end) енкрипција за iCloud податоците, што оневозможува пристап до содржината дури и со судска наредба.

Во тужбата се наведува дека NeuralHash и онака бил послаб од други алатки и лесно можел да се заобиколи. Се истакнува дека Apple складира и синхронизира податоци преку iCloud без проактивно откривање на спорен материјал, со што се овозможува негово ширење.

И покрај откажувањето од скенирањето, компанијата воведе функција наречена „Communication Safety“, која замаглува голотија и друг чувствителен содржај испратен до или од детски уреди.

Значително помал број пријави од конкуренцијата

За разлика од Apple, компании како Google и Microsoft ги проверуваат поставените фотографии или прилозите во е-пошта споредувајќи ги со бази на познати материјали со сексуална злоупотреба на деца. Според американскиот закон, технолошките компании се должни да ги пријавуваат ваквите содржини до Националниот центар за исчезнати и експлоатирани деца.

Во 2023 година Apple поднел 267 пријави, во споредба со 1,47 милиони пријави од Google и 30,6 милиони пријави од Meta Platforms.

Веќе покрената слична тужба

Наводите на Западна Вирџинија во голема мера се совпаѓаат со обвинувањата од предложена колективна тужба поднесена против Apple кон крајот на 2024 година пред федерален суд во Калифорнија. Во тој случај тужители се лица прикажани на спорните снимки.

Apple побара отфрлање на тужбата, повикувајќи се на Членот 230 од Законот за пристојност во комуникациите, кој им дава широка заштита на интернет-компаниите од одговорност за содржина генерирана од корисници. Компанијата и претходно ги отфрлала сличните обвинувања во приватни тужби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни