На средбата учествуваа земјите членки на ЕУ – Хрватска, Грција, Италија и Словенија – како и земјите кандидати: Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Албанија, заедно со Сан Марино.
Оваа средба се одржа во рамки на ЕУ Стратегијата за Јадранско-јонскиот регион (EUSAIR), која веќе десет години претставува платформа за соработка во туризмот, транспортот, заштитата на животната средина, поморството и социјалната политика. Преку EUSAIR, земјите градат меѓусебна доверба и дијалог, решавајќи заеднички предизвици како загадувањето, заштитата на културното наследство и одливот на млади кон Западот.
„Нагласуваме потреба земјите кандидати да спроведат внатрешни реформи, да ги зголемат напорите за помирување, политички дијалог, регионална соработка и добрососедски односи, и да постигнат брз и одржлив напредок кон членство во ЕУ“, стои во декларацијата.
Особено беше поздравено тоа што проширувањето на ЕУ станува хоризонтална тема во рамките на EUSAIR. Со оваа средба, Грција го заврши своето едногодишно претседавање со стратегијата, а претседателството го презема Македонија, која е дел од иницијативата од 2020 година.
Оваа платформа е еден од начините на кои Брисел ги подготвува земјите кандидати за членство, овозможувајќи им пристап до европски фондови и искуства, истовремено зајакнувајќи ја стабилноста на своите надворешни граници.