„AI Action Summit“ , Париз

Заостанува ли Европа во развојот на Вештачката интелигенција?

Секторот на вештачката интелигенција (AI) во моментов го доминираат американски корпорации – а кинеските компании ги следат во чекор. Франција и Европа, пак, значително заостануваат.

Вештачката интелигенција се развива во САД, каде што се вложуваат стотици милијарди долари. Кина ги следи во тој процес. А каде е тука Европа? Ова прашање ќе се отвори на „AI Action Summit“ кој денес и утре се одржува во Париз.

На самитот ќе се соберат шефови на држави и влади, лидери на меѓународни организации и компании, научници, уметници и претставници на цивилното општество. Францускиот претседател Емануел Макрон ќе биде домаќин на состанокот заедно со индискиот премиер Нарендра Моди. Ќе учествува и потпретседателот на кинеската влада Динг Суешијанг.


За потпретседателот на САД Џ. Д. Венс, посетата на Париз ќе биде прво меѓународно патување по преземањето на должноста. Белата куќа потврди негово учество.

Вештачката интелигенција доаѓа од друг континент

Секторот на вештачката интелигенција (AI) во моментов го доминираат американски корпорации – а кинеските компании ги следат во чекор. Франција и Европа, пак, значително заостануваат.

Така, американската корпорација Amazon оваа година ќе вложи околу 100 милијарди долари во инфраструктурата за вештачка интелигенција. Потрага за ИТ ресурси од страна на клиенти во овој сектор е толку голема што AWS, Amazon-овиот оддел за облак услуги, веќе се соочува со проблеми со капацитетите, изјави директорот на Amazon Енди Џеси. Само во последното тримесечје, компанијата вложила повеќе од 25 милијарди евра во својата инфраструктура.

Пред само неколку недели кинескиот DeepSeek предизвика бура во светот на вештачката интелигенција. Големиот јазичен модел на оваа компанија изгледа еднакво моќен како американската конкуренција, но е развиен значително поевтино и со помалку технички ресурси.

За разлика од ChatGPT, четботот на американската компанија OpenAI, DeepSeek-овиот алгоритам не е таен, туку е слободно достапен (open source).

„Иако е тешко да се предвиди иднината на DeepSeek како компанија, се чини дека структурните ефекти се доста далекосежни“, изјави за Ројтерс, инвеститорот Санџот Малхи.

Едно од клучните прашања што го отвори DeepSeek е дали воопшто се исплати вложување милијарди долари во вештачката интелигенција во САД.

DeepSeek ги објави деталите за својот AI модел токму на денот кога американскиот претседател Доналд Трамп го најави проектот Stargate, во кој OpenAI и други технолошки компании планираат да вложат околу 500 милијарди долари во развој на AI инфраструктура.

А Европа?

Франција исто така планира свој проект за вештачка интелигенција: во Париз, според официјалните најави, треба да се изгради најголемиот AI кампус во Европа. Срцето на овој проект ќе биде огромен центар со сопствен, моќен енергетски систем.

Планирани се инвестиции од „30 до 50 милијарди евра“, при што во финансирањето ќе се вклучат и Обединетите Арапски Емирати, се наведува од Јелисејската палата.

Во меѓувреме, американската компанија OpenAI го проширува своето присуство во Европа. По Лондон, Даблин, Париз, Брисел и Цирих, Минхен ќе стане првиот германски град со нивна канцеларија.

„Како земја позната по техничкото знаење и индустриската иновација, не е изненадување што Германија е светски лидер во користењето на вештачката интелигенција“, рече основачот на OpenAI Сем Алтман при посетата на Германија.

Според податоците на дневниот весник Frankfurter Allgemeine Zeitung, Германија е земјата во Европа со најмногу претплатници на ChatGPT и една од три водечки земји во светот по тоа прашање.

Германија се наоѓа и меѓу три водечки земји надвор од САД според бројот на бизнис корисници кои плаќаат за AI услуги. Но најважно е тоа што Германија има втор најголем број програмери (по САД) кои го интегрираат ChatGPT во други апликации.

Повеќе или помалку регулации?

Во САД повеќе не постои регулација за развојот на вештачката интелигенција. Претседателот Трамп ги укина пропишаните прописи кои ги вовел неговиот претходник Џо Бајден веднаш по преземањето на должноста.

Во Европа, пак, барањата за државна регулација се сè посилни. Пред почетокот на парискиот самит, околу 100 научници од 30 земји предупредија дека оваа нова технологија би можела да доведе до „губење на контрола“ со драматични последици.

Пред самитот, истражувачите претставија прв извештај за безбедноста на вештачката интелигенција, на кој работеле и експерти од ОН, ЕУ и Организацијата за економска соработка и развој (OECD).

Германскиот физичар Аксел Науман, кој живее и работи во Швајцарија, исто така се залага за развој на етичка и одржлива вештачка интелигенција – како и за анализа на нејзиниот ефект врз иновации, транспарентност и доверба.

Европски вредности

Европа треба своја open source инфраструктура, вели Науман за DW. Целта е, како што нагласува, „да се покаже на европските компании и институции дека има смисла заедно да инвестираме и заедно да уживаме во плодовите на отворениот код“.

Но, тоа бара инвестиции, на пример, во „прилагодување на административни процеси, прилагодување на производи, промоција на отворен код и советување на политиката и индустријата“.

Својата визија за дигиталната иднина на Европа ја формулира вака: „Визијата мора да биде Европа суверено да складира и обработува свои податоци, нашиот софтверски екосистем да ги одразува нашите вредности“.

Во иднина, не смее да се случува Европа само да се приклучува на другите и потоа да плаќа за лиценцни права. Европа мора, вели Науман, „координирано да го преусмери фокусот на заеднички развој на open source производи“.

Клучно е, сепак, едно: „За тоа ни треба инфраструктура која треба да ја изградиме“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни