Занзибар гради крипто-град: Африкански „Сингапур“ без банки и со дигитално државјанство

На западниот брег на Занзибар се развива Дунија Сајбер Сити- специјална економска зона каде криптовалутите ја заменуваат класичната финансиска инфраструктура, а дигиталните номади можат да станат жители без физичко присуство.

На речиси празен појас од западниот брег на Занзибар, група технолошки претприемачи започна амбициозен проект што има цел да го претвори островот во источноафриканска верзија на Сингапур. Станува збор за Дунија Сајбер Сити , специјална економска зона на површина од 71 хектар, каде криптовалутите ќе ја заменат класичната банкарска инфраструктура, а сопственоста врз недвижности ќе постои во форма на дигитални токени.

Проектот, одобрен од владата на Занзибар во ноември 2024 година, претставува еден од најрадикалните обиди досега за практична примена на концептот на дигитално управување и таканаречени „мрежни држави“. Градот го развива компанијата OurWorld, предводена од Флоријан Фурние и Кристоф де Шпигелеер, а инспирацијата доаѓа од книгата „The Network State“ на крипто-претприемачот Балаџи Сринивасан, која застапува идеја за онлајн заедници што купуваат земјиште и создаваат алтернативни општества.

Дунија Сајбер Сити е замислен како хибриден град: со 5.000 до 7.000 физички жители, но со милиони таканаречени е-жители односно дигитални номади кои можат да се регистрираат како жители без да живеат постојано на островот. Проектот доби институционална поддршка откако претседателот Хусеин Али Мвини ја одобри соработката со државната агенција за телекомуникациска инфраструктура ZICTIA, по усвојувањето на закон за дигитални слободни зони во почетокот на 2024 година.

Фискалниот модел нуди исклучително поволни услови: е-жителите ќе плаќаат 5% персонален данок, физичките жители 15%, а компаниите ќе бидат целосно ослободени од даноци во првите десет години, без данок на капитална добивка или имот. Купувачите на недвижности ќе добиваат имотни листови во форма на дигитални токени слични на NFT, со вредност што ќе се менува според економските перформанси на градот.

Поголемиот дел од општинските услуги (од плаќање даноци до решавање деловни спорови) ќе функционираат преку автоматизирани софтверски системи, додека кривичните прашања ќе останат под надлежност на постојниот правен систем на Занзибар.

Проектот е дел од поширок глобален тренд. Слични експерименти веќе се појавија во Црна Гора, каде што Виталик Бутерин го иницираше проектот Zuzalu, како и во Хондурас, во зоната Проспера. Дополнително, Занзибар воспостави партнерство со Tether за развој на блокчејн-едукација и можност за користење на дигитални валути во јавните плаќања.

Иако поддржувачите го гледаат проектот како модел за иднината на управувањето, дел од академската заедница предупредува дека ваквите „мрежни држави“ можат да ја потценат комплексноста на реалната политика и општествените односи. Како што наведуваат критичарите, желбата да се „излезе“ од класичната држава може да доведе до повторување на стари системски грешки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни