Во вторник, на 11 ноември точно во 11:11 часот, во просториите на маркетинг агенцијата iolite.hub, беше најавен јубилејниот моден настан „Zanov Decade“, кој ќе се одржи на 15 ноември во Македонската опера и балет со почеток во 20 часот. Настанот претставува важен момент за македонската модна сцена, бидејќи брендот Zanov годинава одбележува значајни десет години творење.
Брендот Zanov, основан во 2015 година од дизајнерот Митко Занов, во изминатата деценија изгради сопствен визуелен идентитет, препознатлив по јасна естетика, техничка прецизност и конзистентност во дизајнерскиот јазик. Десетгодишнината ќе биде одбележана во два главни сегмента.
Првиот сегмент е ретроспективна музејска поставка, која ќе го прикаже досегашното творештво на Занов и развојот на неговиот дизајнерски ракопис низ годините. Поставката ќе биде можност публиката да ја види трансформацијата, влијанијата и еволуцијата на брендот од првата колекција до денес.
Вториот сегмент е модна ревија на новата колекција „Echoes“, најобемната досега, составена од 30 модели. Занов истакна дека „Echoes“ претставува симбиоза на најпрепознатливите елементи од неговиот оригинален дизајн и личната естетика оформувана низ 18 колекции во последните 10 години.
Настанот „Zanov Decade“ се позиционира не само како моден, туку и како културен настан, кој го одразува развојот на независниот македонски дизајн и силата на креативноста во локалниот контекст. Зад Митко Занов стојат бројни соработки со професионалци од модната индустрија, јавни личности и медиуми, кои придонесоа брендот да стане релевантен на домашната и регионалната сцена.
