Во зимски услови, особено кога возилото е паркирано на отворено, ниските температури можат да предизвикаат замрзнување на рачната кочница. Иако повеќето возачи по навика ја активираат рачната кочница при паркирање, токму тоа може да стане проблем кога температурите се под нулата.
Замрзнувањето најчесто се случува поради влага која се задржува во кабелот на рачната кочница или во самиот механизам што ги држи тркалата, односно на контактот меѓу облогата и дискот или барабанот. Кога температурите ќе паднат, влагата се замрзнува и го блокира системот.
Најчесто ќе забележите дека рачната кочница е замрзната ако рачката ја враќате без вообичаениот отпор, односно ако чувствувате дека напнатоста одеднаш попуштила, но возилото не може да се придвижи.
Во таков случај, најбезбедно решение е да тргнете со возилото многу полека, напред и назад, по неколку сантиметри. Ова движење треба да биде внимателно и контролирано, за да не дојде до оштетување на кочниот систем. Постапката може да се повтори неколку пати, сè додека мразот не попушти.
Доколку и по ова рачната кочница остане блокирана, може да помогне употреба на фен за коса. Со продолжен кабел, насочете топол воздух кон тркалата кои ги држи кочницата – најчесто тоа се задните тркала. Топлината од фенот обично е доволна за да се стопи мразот и механизмот повторно да проработи.
Важно е да се нагласи дека не треба да се користат пламен, плински горилници или други извори на отворен оган, бидејќи тоа претставува сериозна опасност. Контролираниот топол воздух е најбезбедната и најефикасната опција.
За да се избегне ваков проблем во иднина, експертите советуваат во екстремно студени денови, доколку е можно, возилото да се остава во брзина наместо со активирана рачна сопирачка, особено на рамни површини.
