Залутана комета од околината на далечна ѕвезда во вселената оваа недела поминува покрај Земјата – единствен пат пред повторно да се врати во меѓуѕвезден простор.
Кометата 3I/Atlas, откриена во текот на летото, во петок ќе помине на оддалеченост од 269 милиони километри од Земјата. НАСА со телескопи ја набљудува оваа ледена маса, чија големина се проценува на меѓу 440 метри и 5,6 километри.
Додека минува, кометата станува сè побледа на небото, па токму сега е најдобро време аматерските астрономи да се обидат да ја забележат со помош на телескоп.
Во март кометата ќе се приближи значително до Јупитер, на околу 53 милиони километри.
Дури средината на 2030-тите години кометата повторно ќе стигне до меѓуѕвезден простор и никогаш повеќе нема да се врати, изјави Пол Чодас, директор на НАСА Центарот за проучување на објекти блиски до Земјата.
Меѓуѕвездените комети, како што е 3I/Atlas, потекнуваат од ѕвездени системи на други места во Млечниот Пат, додека „домашните“ комети, како Халеевата, доаѓаат од ледените периферии на Сончевиот систем.
Само трет познат објект што минал низ Сончевиот систем
Ова е само третиот познат меѓуѕвезден објект што минал низ Сончевиот систем. Првиот потврден меѓуѕвезден посетител беше откриен во 2017 година со телескоп на Хаваи. Две години подоцна, астроном-аматер од Крим ја забележа втората меѓуѕвездена комета. Најновата – 3I/Atlas, која сега минува покрај Земјата – беше забележана во јули годинава од НАСА телескопот Atlas во Чиле.
Научниците сметаат дека кометата, која не претставува опасност за Земјата, можеби настанала во ѕвезден систем многу постар од Сончевиот, што ја прави особено интересна цел за набљудување и научна анализа.
