„Системот „Сејф сити“ сам по себе нема да даде резултати без паралелна примена на поширок сет мерки за безбедност во сообраќајот, а контролата и казните не се доволни за трајно намалување на бројот на жртвите“ предупредуваат од граѓанската иницијатива „Кој е следен“.
Со оваа реакција тие се огласија по усвојувањето на Законот за безбедност во сообраќајот, со кој Собранието овозможи целосна имплементација на системот „Сејф сити“, чија примена треба да започне по завршувањето на пробниот период, најдоцна до средината на 2026 година.
„До овој момент е донесена само една мерка која започнува со имплементација на 1-ви февруари, односно Safe City, и сè уште нема можност да даде резултати или да се процени дали тоа ќе влијае на намалување на бројот на жртвите. Барањата на Кој е следен од пред една година беа во насока на пристапот „Визија Нула“, кој подразбира интегриран систем на мерки: ограничување на брзината во урбани зони, физичка регулација на сообраќајот преку успорници и подигнати пешачки премини, „Т“ крстосници со кружни текови, светлосна сигнализација и паметни сензори на критичните булевари, заштита и ослободување на тротоарите, подобрување на пешачката и велосипедската инфраструктура, како и едукација на граѓаните. Без паралелна и системска имплементација на повеќе мерки, не сме сигурни колку контролата и санкционирањето сами по себе можат да придонесат кон одржливо намалување на бројот на жртвите“ – велат од „Кој е следен“
Системот работи, жртвите растат
Иако од институциите доаѓаат најави дека новиот систем ќе придонесе за намалување на сообраќајните незгоди, почетокот на 2026 година веќе е обележан со серија тешки сообраќајки, во кои загинаа и беа тешко повредени пешаци – најранливата категорија учесници во сообраќајот.
Според официјалните податоци, годишно во земјава во сообраќај гинат околу 30 пешаци, а над 750 се повредуваат, што ја прави безбедноста во урбаните средини еден од најсериозните јавни проблеми.
Тешки сообраќајки уште во првите недели од 2026
Иако Министерството за внатрешни работи информира дека за време на пробниот период на „Сејф сити“ е забележано намалување на вкупниот број сообраќајни незгоди во Скопје, реалноста на теренот покажува поинаква слика кога станува збор за тешки инциденти.
Последниот сериозен случај се случи на 21 јануари околу 20 часот, на булеварот „Крсте Мисирков“, кога патничко возило „рено“, управувано од 25-годишен возач, удри во 19-годишна пешачка од Арачиново. Девојката се здоби со тешки телесни повреди и е хоспитализирана на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Истрагата е во тек.
Пешаците и натаму најизложени
Од почетокот на годината се регистрирани повеќе тешки незгоди: на 9 јануари, во Визбегово тешко беше повреден 54-годишен пешак, на 10 јануари, 75-годишна жена почина откако беше прегазена во центарот на Скопје, а возачот побегна, на 8 јануари, во Петровец тешко беше повредена 61-годишна жена.
Овие случаи повторно ја отворија јавната дебата за контролата на брзината, сообраќајната култура и недоволната заштита на пешаците.
Алармантни бројки од полицискиот билтен
Само за 19 и 20 јануари, МВР издало 1.026 платни налози, од кои: 150 за пречекорување на брзина, 116 за возење без дозвола, 16 за возење под дејство на алкохол, 199 за неправилно паркирање, 93 за некористење сигурносен појас и 33 санкции за пешаци.
Пет лица биле лишени од слобода поради безобѕирно возење под дејство на алкохол.
Црни точки низ Скопје
Во последните три години во главниот град се регистрирани над 2.000 сообраќајни незгоди, при што пешаците сочинуваат 25 до 30 проценти од загинатите. Над 15 локации се означени како критични, меѓу кои булеварите „Партизански одреди“, „Александар Македонски“, „Борис Трајковски“, „Гоце Делчев“, „8-ми Септември“, како и делници од автопатите А1, А2 и А4.
Технологијата не е доволна
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно соопшти дека во декември 2025 година бројот на сообраќајни незгоди во Скопје е намален за околу 20 проценти, а бројот на повредени за 35 проценти, без регистрирана жртва.
Сепак, како што предупредуваат од „Кој е следен“, без системски пристап и повеќе паралелни мерки, технолошките решенија и казните сами по себе тешко дека ќе донесат трајно намалување на бројот на жртвите на македонските улици.
