Законот за пушење се одложува: Фази наместо веднаш казни, угостителите бараат тригодишен период

Законот за заштита од пушење нема да стапи на сила од 1 март, туку ќе се имплементира фазно: едукација, опомени и потоа казни. Угостителите бараат тригодишен период за целосна примена на забраната за пушење во затворени простории.

Законот за заштита од пушење најверојатно нема да стапи на сила од 1 март, како што беше предвидено во предложеното законско решение. Наместо тоа, неговата имплементација ќе биде во фази, почнувајќи со едукација и опомени, а казните ќе следуваат подоцна. Ова го потврди државниот советник во Министерството за здравство, Никола Грпчевски, во емисијата Бизнис 21, додавајќи дека се уште траат разговорите со сите засегнати страни.

„Не би го нарекол ретерирање, туку фазна имплементација во дијалог со јавноста и бизнис заедницата. Почетокот ќе значи опомени и едукација“, рече Грбчевски.

Времетраењето на фазите допрва ќе се утврдува. Грпчевски истакна дека оперативната работна група ќе донесе одлука дали тие ќе траат 3, 6 или 8 месеци.

Угостителите го поддржуваат законот, но побарале целосната имплементација да се одвива три години, за да се избегне негативно влијание врз бизнисот, затворање на објекти и отпуштање работници. Според нив, законот е еден од најригорозните, инспириран од модели во Шпанија и Словенија, каде стапката на пушачи е 15-18%, во споредба со 60-65% во Македонија.

Првиот модел предвидува:

Прва фаза (1 година): информативна кампања за угостителите и граѓаните; Втора фаза (12–36 месеци): строга забрана за пушење во затворени простории, со јасно дефинирани надворешни зони за пушење; Трета фаза (по 3 години): целосна примена со санкции за објекти и физички лица.

Експертите предупредуваат дека предлог-законот бара доработка, бидејќи ќе влијае и врз компаниите за тутунски производи и буџетот на државата. Тие истакнуваат дека земањето „ан-блок“ закон од Словенија не е соодветно, бидејќи таа земја нема традиција во производство на тутун.

Со новиот предлог-закон се забранува пушење на сите видови цигари, вклучувајќи класични и електронски цигари и “вејп” апарати, во затворени угостителски објекти, фирми, јавни институции, училишта, градинки, транспортни станици, пазари, културни и спортски објекти. Пушењето е забрането и во автомобил доколку има дете. Казните се движат од 150–300 евра за граѓаните и до 5.000 евра за фирмите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни