Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата упати јавно барање за итно донесување на Предлогот на Закон за заштита на укажувачите, оценувајќи дека неоправданото одложување сериозно ја поткопува институционалната борба против корупцијата и ги остава лицата што пријавуваат неправилности без соодветна и ефективна заштита.
Од Платформата изразуваат загриженост поради фактот што, и покрај активното учество во работната група формирана од Министерството за правда, како и одржаните 15 работни состаноци и две јавни дебати уште во декември 2023 година, Предлог-законот сè уште не е ставен во собраниска процедура. Според нив, ваквото одолговлекување е особено проблематично имајќи ја предвид чувствителноста на темата и важноста на укажувачите како механизам за откривање корупција.
Во најновиот Извештај за напредокот на Република Северна Македонија, Европската комисија укажува дека постојното законско решение за заштита на укажувачите не е целосно усогласено со правото на Европската Унија и не обезбедува доволно јасни и функционални механизми за спроведување. Комисијата предупредува дека лицата кои пријавуваат неправилности сè уште се изложени на ризик од вознемирување, отказ или други негативни последици, што директно ја намалува ефективноста на системот за пријавување корупција.
Платформата потсетува дека Предлогот на Законот за заштитено пријавување и заштита на укажувачите е веќе подготвен, но повеќе од две години не се наоѓа во законодавна постапка. Ова, според граѓанските организации, испраќа загрижувачка порака за вистинската политичка волја за јакнење на антикорупциските механизми.
Дополнително, во Програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија за 2025 година, во делот „Акти и материјали по кои одлучува Собранието“, за месец мај е предвидено донесување на Законот за заштитено пријавување и заштита на укажувачите. И покрај тоа, како што наведуваат од Платформата, годината веќе изминува без конкретни чекори кон негово усвојување.
„Со носењето на овој закон ќе се надминат клучните слабости на постојното законско решение и ќе се зајакне заштитата на укажувачите како една од најважните алатки во борбата против корупцијата“, се наведува во реакцијата. Од Платформата нагласуваат дека подобрувањето на статусот и безбедноста на укажувачите е предуслов за градење доверба во институциите и за охрабрување на граѓаните да пријавуваат незаконски и коруптивни практики.
Граѓанските организации апелираат до креаторите на политики и носителите на јавни функции итно да ја исполнат јавно искажуваната заложба за борба против корупцијата, преку конкретни и навремени законодавни чекори.