Министерството за здравство: Законот за заштита од пушење нема да се одложува

Финалната верзија следната недела ќе биде доставена до Владата, фазната примена не значи пролонгирање

Министерството за здравство соопшти дека Законот за заштита од пушење ќе се донесе и имплементира согласно законските рокови, без одложување, и покрај најавите за фазна примена.

Од Министерството информираат дека во тек е финализирање на анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и на ставовите доставени од засегнатите страни, институции и бизнис-заедницата. Финалната верзија на законското решение, според најавата, следната недела ќе биде доставена до Владата.

Во соопштението се потенцира дека усогласувањата не ја менуваат суштината на законот. Како главни цели се наведуваат спречување на започнување со пушење кај младите, создавање генерации без никотинска зависност и заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.

Во однос на поимот „фазна имплементација“, Министерството појаснува дека тоа не значи одложување на примената по усвојувањето во Собранието. Законот ќе стапи на сила согласно законските рокови, додека фазноста ќе се однесува на начинот на примена во почетниот период.

Првата фаза ќе опфати засилен надзор, информирање и изрекување опомени, со цел институциите, угостителските објекти и граѓаните да се адаптираат на новите правила.

По доставувањето до Владата, предлог-законот треба да влезе во собраниска процедура. Министерството најавува дека ќе продолжи со информирање на јавноста за наредните чекори од процесот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни