На денешната средба во Владата меѓу владини претставници и Туристичко-угостителската комора е договорено терасите, односно летните бавчи на рестораните и кафе-баровите, да бидат отворени од најмалку две страни, наместо од три како што беше првично предложено, објави „Телма“. Измената доаѓа по укажувањата дека голем број угостители немаат технички услови да ги прилагодат објектите според претходниот предлог, што било потврдено и од надлежните институции.
Целосната забрана за пушење во затворени простории останува на сила, додека пушењето ќе биде дозволено само на тераси што ги исполнуваат пропишаните услови. Угостителите побарале рок од три години за усогласување со новите правила, но ова барање не било прифатено и рокот останува една година.
Претседателот на Туристичко-угостителската комора, Перица Голомеиќ, изјави дека секторот се залагал да се задржи забраната за пушење во затворен простор, но и да се овозможи користење на терасите со јасно дефинирани правила. Од комората посочуваат дека е важно законот да се спроведува еднакво за сите, со цел фер конкуренција и заштита на јавното здравје.
Јавната расправа за законските измени е завршена, а надлежното министерство ги разгледува пристигнатите забелешки преку системот ЕНЕР. По финализирањето, предлог-законот ќе биде испратен на усвојување во Владата, а потоа и на гласање во Собранието.