Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, на четвртата јавна дебата за Предлог-законот за високо образование на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје порача дека Министерството не е спротивставена страна на академската заедница, туку партнер во процесот на реформи. Таа нагласи дека законот се подготвува во соработка со универзитетите и дека сите конструктивни предлози ќе бидат вградени во новата драфт-верзија, која повторно ќе биде објавена на ЕНЕР за јавни забелешки.
Јаневска ги отфрли тврдењата дека се укинува вонредното студирање или дека државата нема да финансира научно-истражувачка работа, посочувајќи дека станува збор за дезинформации. Таа апелираше дебатата да се води со аргументи, бидејќи неточните информации, како што рече, создаваат штета за младите и образовниот систем.
Во однос на средбата со приватните универзитети, министерката оцени дека разговорите биле конструктивни и дека поголемиот дел од прашањата биле усогласени, со договор пред финалната верзија на текстот да се одржи уште еден состанок за дополнителна проверка на решенијата.
Осврнувајќи се на прашањето за бесплатно студирање, Јаневска појасни дека тоа е насочено кон ранливите категории студенти, кои веќе се ослободени од партиципација, додека студентите со ниски примања добиваат стипендии што ги покриваат трошоците. Дополнителни поволности има и за студентите во домовите, а сите запишани студенти добиваат средства за студентски оброк.
Една од темите што предизвика најмногу реакции се условите за напредување во академски звања. Според министерката, предложените критериуми се усогласени со европските стандарди и нивното заострување е потребно поради падот на квалитетот по укинувањето на претходните критериуми во 2018 година.
На дебатата во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Јаневска истакна дека високото образование треба да создава стручни и одговорни кадри и дека државата, како финансиер, има право да бара отчетност. Таа додаде дека Предлог-законот предвидува меритократија, интернационализација и засилена научно-истражувачка работа како дел од наставниот процес. По завршувањето на јавните расправи, текстот ќе биде повторно објавен на ЕНЕР, а потоа ќе влезе во владина процедура.
Министерката информираше и дека е објавен Предлог-законот за научно-истражувачка дејност, додека од МАНУ најавија дека наскоро ќе ги достават своите забелешки, со заедничка оценка дека реформите во високото образование се неопходни.