Одлуката ја донесе судијата Александар де Мораес, кој оцени дека Болсонаро ги прекршил претходно наложените ограничувања. Според судот, тој се обидел да влијае врз случајот со тоа што побарал директна интервенција од тогашниот американски претседател Доналд Трамп.
Обвинителството го товари Болсонаро за заговор со своите најблиски политички сојузници со цел насилно поништување на изборните резултати, на кои беше поразен од актуелниот бразилски претседател Луиз Инасио Лула да Силва.
Американскиот претседател Доналд Трамп остро реагираше на мерката против Болсонаро, нарекувајќи ја „лов на вештерки“. Во знак на одмазда, САД најавија зголемување на царините за бразилски производи за 50% почнувајќи од утре.
Покрај тоа, Стејт департментот ја осуди мерката за домашен притвор, обвинувајќи го судијата Мораес дека ги користи институциите за политички пресметки и дека „ја загрозува демократијата во Бразил“. Од Вашингтон најавија дека „секој кој поттикнува санкционирано однесување ќе биде сметан за одговорен“, без да понудат дополнителни детали.
Во меѓувреме, Трамп не исклучи можност за нови санкции против Бразил, вклучително и дополнително зголемување на царините за увозна стока.
Судењето на Болсонаро е едно од најследените во поновата бразилска историја и се смета за тест за отпорноста на демократијата во земјата по деценија на силни политички поларизации.