Како што информираат од Британската амбасада, програмата нуди целосно финансирани магистерски студии на универзитети во Обединетото Кралство за поединци кои се подготвени да предводат позитивни промени во своите матични земји и во светот. Чивнинг стипендиите се дел од глобалната програма на Владата на Обединетото Кралство, финансирана од Министерството за надворешни работи, комонвелт и развој. Стипендиите поддржуваат студирање на британски универзитети за едногодишни магистерски студии за индивидуалци кои покажуваат потенцијал да станат идни лидери, носители на одлуки, и креатори на мислење.
Посочуваат дека стипендијата овозможува целосна финансиска поддршка за едно годишни магистерски студии на било кој универзитет во Обединетото Кралство и притоа овозможува да се стекнете со ексклузивни академски, професионални и културолошки искуства. Повеќе од 40 години, Чивнинг привлекува стотици илјади апликации низ целиот свет. Успешните кандидати се поединци кои јасно можат да демонстрираат извонредни лидерски способности, како и способности за влијание и вмрежување преку убедливи примери кои се поткрепени со докази.

Метју Лосон, британски амбасадор во Северна Македонија потенцираше дека високо конкурентниот процес на селекција на Чивнинг гарантира дека оние кои се избрани да станат стипендисти на Чивнинг се најпаметните и најмотивираните поединци од целиот свет.“
-Алумните на Чивнинг го користат своето образование од светска класа, глобалните мрежи и самодовербата стекната во Обединетото Кралство за да создадат значајна, трајна промена по нивното враќање дома, без разлика дали тоа го прават преку справување со глобалните предизвици или преку остварување на реално влијание во сопствените заедници. Доколку јасно можете да покажете дека ги поседувате потребните вештините за да им се придружите – извонредни лидерски способности, како и способности за влијание и вмрежување – ве охрабрувам да аплицирате. Доколку сè уште не сте стигнале до тоа ниво, ве охрабрувам да одвоите време за да го изградите искуството што ќе ја направи вашата апликација конкурентна. Постојано сум инспириран од посветеноста и мотивацијата на заедницата на Чивнинг и со нетрпение очекувам да видам што ќе донесе следната генерација лидери, посочува Лосон.
Потенцијалните кандидати можат да ги поднесат своите апликации преку chevening.org/apply. Пред да аплицираат, кандидатите се охрабруваат да ги разгледаат достапните ресурси на chevening.org/guidance и да проценат дали се подготвени да поднесат конкурентна апликација.
Од почетокот на програмата во 1983 година, над 60.000 професионалци ги унапредиле своите кариери преку Чивнинг, што е показател на посветеноста на Обединетото Кралство за развој на лидерите на утрешнината.
За детални информации во врска со критериумите за подобност и спецификите за стипендиите, посетете ја страницата chevening.org.