Захарова: Русија веднаш ќе преземе контрамерки поради замрзнувањето на руските средства во Европа

Москва оценува дека одлуката на ЕУ претставува „незаконит акт и банална кражба“
Русија Украина и Еу односи
Centre for European Reform

Русија ќе преземе моментални контрамерки како одговор на одлуката на Европската унија за замрзнување на средствата на руската централна банка во Европа, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

„Нашиот одговор ќе биде моментален. Централната банка на Русија на 12 декември објави детално соопштение за ова прашање. Конкретни чекори веќе се преземаат“, се наведува во изјавата објавена на официјалната веб-страница на руското МНР.

Захарова оцени дека политиката на Брисел кон Москва одамна е лишена од логика и, како што рече, наликува на „театар на апсурдот“. Таа нагласи дека располагањето со руските суверени средства без согласност на Руската Федерација (било преку нивно долгорочно блокирање, конфискација или обид тие да се претстават како заем за репарации) претставува грубо кршење на меѓународното право.

„Каков и да е псевдо-правен трик што Брисел ќе се обиде да го искористи како оправдување, во суштина станува збор за обична кражба“, изјави Захарова, пренесуваат руските медиуми.

Европската унија вчера официјално потврди дека средствата на руската централна банка што се наоѓаат на територијата на ЕУ ќе останат замрзнати на неопределено време. Со таа одлука, според европските институции, се отстранува една од главните пречки за користење на тие средства во рамки на финансиска поддршка за Украина.

Советот на Европската унија дополнително соопшти дека, по итна постапка, е донесена привремена забрана за каков било трансфер на имобилизираните средства на руската централна банка назад во Русија. Одлуката, како што се наведува, е донесена со цел да се ограничи потенцијалната штета врз економијата на Унијата.

Захарова, исто така, предупреди дека настојувањата на ЕУ да ѝ нанесе штета на Русија „по секоја цена“ веќе довеле до сериозни економски последици токму за самата Унија.

Руската централна банка, пак, најави дека поднела тужба против одлуката за замрзнување на средствата, оценувајќи го планот на Европската комисија за нивна употреба како незаконит. Москва, како што наведуваат руските власти, го задржува правото да ги брани своите интереси и да ги оспори постапките на ЕК пред надлежните институции.

Според достапните информации, износот на руските средства што ЕУ планира да ги искористи како заем за Украина се проценува меѓу 185 и 210 милијарди евра, при што најголемиот дел од средствата се наоѓаат во Белгија, која досега изразуваше резерви кон ваквиот пристап.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни