Загреб забрани користење на усташки симболи и поздравот „За дом спремни“

Градското собрание на Загреб денеска изгласа заклучок со кој градоначалникот Томислав Томаќевиќ се задолжува да преземе сите неопходни мерки за спречување на користењето фашистички и усташки симболи и слогани – меѓу кои и „За дом спремни“ – на сите јавни простори и настани под надлежност на градот.

Одлуката се однесува на сите површини и објекти со кои управуваат градските установи и јавни претпријатија, како и на настани за кои Градот издава дозволи. Целта, како што беше наведено на седницата, е да се заштити јавниот простор од пораки што поттикнуваат омраза, насилство и нетолеранција.

Концертот на Томпсон ќе се одржи

И покрај новата одлука, градоначалникот Томаќевиќ потврди дека концертот на пејачот Марко Перковиќ Томпсон, закажан за 27 декември, сепак ќе се одржи, бидејќи договорот за него бил потпишан пред усвојувањето на заклучокот. „Концертот има важечки договор и не содржи никакви клаузули за забрана на симболи или слогани, па нема правна основа да се откаже,“ изјави тој.

Одлука заснована на уставни и европски вредности

Претседателката на советничката група на платформата Можемо!, Ива Ившиќ, истакна дека одлуката се темели на антифашистичките вредности на Уставот на Хрватска и на ставовите на Уставниот суд и Европскиот суд за човекови права.

„Уставниот суд јасно утврди дека ‘За дом спремни’ е усташки поздрав и не е во согласност со Уставот, а Европскиот суд во предметот Шимуниќ против Хрватска оцени дека неговата јавна употреба не е заштитена со слободата на изразување бидејќи поттикнува омраза,“ потсети Ившиќ.

Таа нагласи дека заклучокот не го ограничува уметничкото или музичкото изразување, туку само воспоставува граници согласно членот 39 од Уставот, кој забранува поттикнување национална, расна и верска нетрпеливост.

„Јавниот простор мора да биде безбеден за сите“

Од платформата Можемо! порачаа дека со оваа одлука се штити јавниот простор од пораки кои ја поткопуваат општествената кохезија. „Загреб мора да биде град во кој училиштата, културните институции и улиците се безбедни простори за сите, каде младите се воспитуваат во духот на почитување, солидарност и еднаквост,“ наведуваат од партијата.

Градоначалникот Томаќевиќ додаде дека секој што смета дека заклучокот е незаконит има право да го оспори преку правни механизми. „Не се занимаваме со тоа дали концерт ќе има или не, туку со она што е противуставно – а тоа е усташкиот поздрав ‘За дом спремни’“, рече тој.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни