Автономните електрични роботски такси „Верн“, веќе на пролет 2026 годна би можеле да се појават на улиците на Загреб. Иако проектот е проследен со низа контроверзии и критики, пристигнува веста дека развојот е влезен во последната фаза и дека хрватската престолнина е само првиот чекор кон глобалното ширење на оваа технологија.
Мате Римац, основач и извршен директор на „Римац Автомобили“ и „Римац Група“, објави дека автономните електрични роботски такси наречени „Верн“ ќе почнат да возат по улиците на Загреб напролет 2026 година.
Проектот „Верн“ беше претставен во јули минатата година, а беше развиен во соработка со Марко Пејковиќ и Адријан Мудри од групацијата „Римац“. За имплементацијата е задолжен „Проект 3 Мобилност“, кој има финансиска и институционална поддршка од хрватската влада и Европската Унија.
„Роботаксиите доаѓаат во Загреб во 2026 година. Ќе биде забавно“, рече Римац на социјалните мрежи, заедно со анимирано видео кое, како што вели, е создадено со помош на алатки за вештачка интелигенција.
Во последната порака од видеото беше најавено дека „Верн шоуто“ ќе пристигне во Загреб напролет следната година.
Проектот, сепак, беше предмет на критики од самиот почеток, особено по минатогодишната презентација, која беше обележана со технички проблеми. Дел од јавноста му се жали на Римац дека развојот на роботски такси не напредува со очекуваната брзина, и покрај значителните средства што проектот ги добива од државните и европските фондови.
Кон крајот на ноември, Римац објави ново видео во кое се обиде да одговори на критиките, прикажувајќи паркирани прототипови на возилото.
Како што изјави, во моментов има повеќе од 60 прототипови во различни фази на развој, наменети за тестирање на различни аспекти, од безбедност и судир, преку удобност и вибрации, до издржливост и енергетска ефикасност.
Римац нагласи дека автономните возила, иако потенцијално побезбедни од човечките возачи, не можат целосно да го елиминираат ризикот од несреќи, поради што е потребно обемно тестирање.
Тој се осврна и на наводите за износот на јавни средства инвестирани во проектот, нагласувајќи дека од фондовите на Европската Унија се повлечени 89,7 милиони евра, додека приватните инвеститори инвестирале повеќе од 100 милиони евра во самиот проект за роботакси, а вкупните приватни инвестиции во групацијата Римац надминуваат една милијарда евра. Според него, јавните средства сочинуваат помалку од десет проценти од вкупните инвестиции.
Римац рече дека Загреб претставува почетна точка, по што следи проширување на проектот на други пазари, со апел за поголема меѓусебна доверба и оптимизам во врска со развојот на новите технологии.