Загреб, Сплит и Риека добиваат градоначалници во втор круг, избори на 1 јуни

Граѓаните на Загреб, Сплит и Риека ќе ги избираат своите градоначалници во втор круг на локалните избори што ќе се одржи на 1 јуни, бидејќи ниту еден од кандидатите не успеа да освои над 50% од гласовите во првиот круг.

Најголемо внимание предизвикува Загреб, каде што актуелниот градоначалник Томислав Томаушевиќ, кандидат на обединетата левица – партиите „Можемо“ и Социјалдемократската партија (СДП), освои над 47% од гласовите (околу 130.000 гласа). Во вториот круг ќе се соочи со независната кандидатка Марија Селак Распудиќ, која освои околу 15% од гласовите (43.000 гласа). Кандидатот на владејачката ХДЗ, Мислав Херман, остана без втор круг со околу 13% поддршка. Излезноста во Загреб била околу 43%.

Коалицијата „Можемо“ и СДП освоила убедливо мнозинство во Градското собрание на Загреб.

Во Сплит, во вториот круг ќе се соочат актуелниот градоначалник Ивица Пуљак од партијата Центар со околу 35% гласови и кандидатот на ХДЗ, Томислав Шута, со нешто под 30%.

Во Риека, во втор круг влегоа Ива Ринчиќ (поддржана од Акција младих и партнери) со околу 40% гласови и независниот кандидат, актуелниот градоначалник Марко Филиповиќ, со околу 20%. СДП, која повеќе од 30 години беше на власт во Риека, остана без свој кандидат во вториот круг, откако нивната кандидатка Сандра Крпан, актуелна заменичка на градоначалникот, заврши на третото место. Поранешниот СДП-овец Филиповиќ влезе во трката како независен откако партијата одлучи да го поддржи Крпан.

Победа на ХДЗ во Осиек

Во Осиек, актуелниот градоначалник Иван Радиќ од ХДЗ убедливо победи уште во првиот круг со над 70% од гласовите.

Премиерот и лидер на ХДЗ, Андреј Пленковиќ, изјави дека е задоволен од резултатите, истакнувајќи дека „Хрватска и натаму е доминантно сина“. Тој особено ги пофали резултатите на ХДЗ во Славонија, делови од Далмација и Банија, а за Риека рече дека резултатот на СДП е „целосна катастрофа“.

Избори и за националните малцинства

Хрватите во неделата избираа локални власти, а во бројни градови и жупании ќе има втор круг за две недели. За општински и градски совети, жупаниски собрании и градското собрание на Загреб, како и за градоначалници, жупани и нивни заменици, се кандидираа над 31.000 луѓе – за 7.770 помалку од пред четири години.

Во 7 градови и 112 општини изборите се решени уште во првиот круг бидејќи имало само по еден кандидат или листа – најголемиот дел од ХДЗ.

Претставниците на националните малцинства, меѓу кои и српската, избираа свои заменици – 10 жупански, 18 градоначалнички и 39 општински. Српската заедница избираше заменици жупани во 7 жупании: Карловачка, Личко-сењска, Осиечко-барањска, Вуковарско-сремска, Шибенско-книнска, Сисачко-мославачка и Бјеловарско-билогорска.

Највлијателна партија на српската заедница е Самостојната демократска српска странка (СДС С), која има три загарантирани пратенички места во хрватскиот Сабор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни