Во Европа, најсиромашните региони се соочуваат со најголеми здравствени ризици поврзани со аерозагадувањето, покажува ново истражување објавено во научното списание Nature.
Студијата, спроведена од Barcelona Institute for Global Health (ISGlobal) во соработка со Barcelona Supercomputing Center, анализира податоци од повеќе од 88 милиони смртни случаи во 31 европска земја во периодот од 2003 до 2019 година.
Истражувачите утврдиле дека повисокото ниво на сиромаштија е директно поврзано со поголема ранливост на последиците од загадениот воздух. Според нив, не е само прашање на тоа колку е загаден воздухот во одреден регион, туку и колку населението е способно да се заштити од неговите ефекти.
„Не е само тоа што посиромашните региони се повеќе загадени“, изјави Зхаојуе Чен, главен автор на студијата. Тој објаснува дека побогатите региони имаат подобри здравствени системи, поразвиени јавни политики и поголема способност за имплементација на еколошки мерки.
Студијата покажува дека и при слични нивоа на загадување, здравствените последици значително се разликуваат поради социоекономските услови, демографските фактори и инфраструктурата.
Кои региони се најзасегнати?
Резултатите укажуваат дека региони со повисок бруто домашен производ (БДП) по жител, пониски нивоа на сиромаштија и повисок животен век главно во Северна и Западна Европа имаат помал ризик од смртност поврзана со аерозагадување.
Од друга страна, Јужна и Источна Европа бележат значително повисоки ризици, при што во некои случаи тие се и двојно поголеми во споредба со побогатите региони.
„Западноевропските земји генерално повеќе инвестираат во чиста енергија, зелена инфраструктура и построги контроли на емисиите“, истакна Џоан Балестер Кларамунт, еден од водечките автори на студијата.
Тој додава дека дел од земјите во Источна Европа сè уште се во рана фаза на транзиција кон обновливи извори на енергија и имплементација на политики за контрола на загадувањето, често потпирајќи се на надворешно финансирање.
Истражувањето заклучува дека влијанието на аерозагадувањето врз здравјето не може да се разгледува изолирано од економските и социјалните услови. Разликите меѓу регионите укажуваат дека политиките за намалување на загадувањето мора да бидат придружени со пошироки мерки за намалување на социјалните нееднаквости.
Извор: Nature