Загадувањето на воздухот во Париз намалено за 50% во последните 20 години

Загадувањето на воздухот во Париз е намалено за половина во последните две децении, покажува новата студија на независната организација Airparif, која го следи квалитетот на воздухот, пренесува Radio France Inter.

Според податоците, од 2005 година досега, нивото на две од најштетните супстанции – ситните честички (PM) и азотниот диоксид (NO₂) – е намалено за 55%, односно 50%.

Овие резултати се должат на политики на европско, национално и локално ниво, насочени кон намалување на емисиите од сообраќајот, греењето и индустријата.

Клучни мерки што дале резултат, според Airparif, се:

  • европските стандарди за емисии,
  • оданочување на индустриските загадувачи,
  • проширување на јавниот превоз,
  • изградба на велосипедска инфраструктура,
  • префрлање од дизел на електрични возила.

Париз има претворено 60.000 паркинг-места во зелени површини, изградил 180 километри велосипедски патеки и отворил 130.000 нови паркинг-места за велосипеди.

Озон останува предизвик

Единствениот загадувач чијшто ниво не е намалено е озонот. За разлика од другите, озонот не се испушта директно во воздухот – тој се создава како резултат на хемиска реакција под влијание на сончева светлина помеѓу други загадувачи, како што се емисиите од автомобили и фабрики.

Иако локалните емисии што доведуваат до создавање озон се намалени, климатските промени го зголемуваат неговото присуство, особено во топли и сончеви денови.

Помалку предвремени смртни случаи

Според Airparif, подобрувањето на квалитетот на воздухот значајно влијаело на јавното здравје – бројот на предвремени смртни случаи поврзани со загадувањето е намален за една третина меѓу 2010 и 2019 година.

Сепак, во 2019 година, загадувањето на воздухот во просек го скратило животниот век за 10 месеци.

Исто така, се проценува дека загадениот воздух е причина за:

  • 10–20% од новите случаи на астма, рак на белите дробови и хронична опструктивна белодробна болест,
  • 5–10% од случаите на срцев и мозочен удар, како и дијабетес тип 2.

Строги правила од 2030 година

И покрај напредокот, околу 800.000 жители на регионот на Париз сè уште се изложени на нивоа на загадување над препорачаните граници, особено оние што живеат во близина на фреквентни патишта – помалку од 50 метри од главните сообраќајници.

Од 2030 година, во сила ќе стапат построги правила на Европската унија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни