Загадувањето на воздухот е поврзано со низа мутации на ДНК кои предизвикуваат рак на белите дробови, Тврди последната студија на луѓе кај кои е дијагностициран овој вид рак,а кои никогаш не пушеле тутун.
Овие наоди, добиени преку истражување на пациенти со рак ширум светот, помагаат да се објасни зошто сè поголем процент од заболените никогаш не пушеле, тренд што истражувачите го нарекоа „итен и растечки глобален проблем“.
Професор Лудмил Александров, коавтор на студијата од Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего, изјави дека истражувачите го забележале овој „проблематичен тренд“, но не ја разбирале причината.
„Нашето истражување покажува дека загадувањето на воздухот е силно поврзано со истите типови на ДНК мутации што обично ги поврзуваме со пушењето“, рече тој.
Научниците го анализирале целиот генетски код на тумори од бели дробови кои биле отстранети кај 871 лице кои никогаш не пушеле, во рамките на студијата Sherlock-Lung, спроведена во Европа, Северна Америка, Африка и Азија. Откриено е дека колку се повисоки нивата на загадување на воздухот во одреден регион, толку повеќе мутации што предизвикуваат и поттикнуваат рак имало во туморите на жителите.
Фино-честичкото загадување особено било поврзано со мутации во генот TP53, кој претходно бил поврзан со пушење тутун.
Луѓето кои биле изложени на повисоки нивоа на загадување имале и пократки теломери — заштитни ДНК нити на краевите на хромозомите, кои често се споредуваат со капачето на врвките на чевлите. Прераното скратување на теломерите е знак на побрзо делење на клетките, што е карактеристика на ракот.
„Ова е итен и растечки глобален проблем кој се обидуваме да го разбереме“, рече д-р Марија Тереза Ланди, епидемиолог во Националниот институт за рак на САД во Мериленд.
Со оглед на тоа што пушењето е во опаѓање во многу делови од светот, вклучително и во Велика Британија и САД, луѓето кои никогаш не пушеле сочинуваат сè поголем дел од пациентите со рак на белите дробови. Сегашните проценки покажуваат дека од 10 до 25% од случаите на рак на белите дробови се дијагностицираат кај оваа група. Речиси сите вакви случаи се од типот аденокарцином.
Ракот на белите дробови и понатаму е водечка причина за смрт поврзана со рак во светот. Секоја година се дијагностицираат околу 2,5 милиони нови случаи. Повеќе од еден милион од смртните случаи се случуваат во Кина, каде што пушењето, загадувањето на воздухот и други еколошки фактори играат улога.
Неодамнешни истражувања покажаа дека највисоките стапки на аденокарцином поврзани со загадување на воздухот се наоѓаат во Источна Азија. Иако бројките во Велика Британија се многу помали, сепак се регистрираат повеќе од 1.100 нови дијагнози годишно, покажуваат научниците.
Најновата студија, објавена во списанието Nature, открила само мал пораст на мутации што предизвикуваат рак кај луѓе изложени на пасивно пушење.
Но, студијата исто така укажува на значителен ризик од одредени кинески билни лекови кои содржат аристолохиска киселина. Специфични мутации поврзани со овие лекови биле речиси ексклузивно забележани кај непушачи од Тајван.
Друга, мистериозна мутациска трага била забележана кај луѓе кои никогаш не пушеле, но не и кај оние што пушеле, и сега е предмет на „интензивни истражувања“, рече Ланди.