Загадениот воздух во Европа годишно убива по 1200 деца

Новиот извештај на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) открива дека над 1.200 деца под 18-годишна возраст годишно умираат од загадениот воздух во Европа. Изложеноста на загадување го зголемува ризикот од развој на хронични болести подоцна во животот.

Неодамнешниот извештај на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) покажа дека загадувањето на воздухот е одговорно за повеќе од 1.200 смртни случаи на деца и тинејџери годишно низ Европската унија (ЕУ).  Во извештајот беа разгледани 32 земји-членки на ЕЕА, во кои влегуваат 27те земји на ЕУ, но и земји како Албанија, Србија и Црна Гора. Извештајот не вклучува некои земји со развиена тешка индустрија кои се граничат со ЕУ, како што се Велика Британија, Украина и Русија, што можеше да го зголеми бројот на жртви.

Според извештајот, над 90 отсто од урбаното население во Европа било изложено на нивоа на загадување над упатствата на СЗО за квалитетот на воздухот од 2021 година, а 97 отсто биле изложени на најштетниот загадувач на воздухот, ПМ 2,5. Ситните честички се примарен двигател на водечките причини за прерана смрт, срцеви заболувања и мозочен удар, проследени со белодробни заболувања и рак на белите дробови, се вели во извештајот.

Сепак се истакнува дека емисиите на клучните загадувачи на воздухот се намалени во последните децении, но нивоата на загаденост на воздухот во Европа сè уште не се безбедни. Децата и адолесцентите се особено ранливи на загадениот воздух бидејќи нивните тела, органи и имунолошки системи сè уште се развиваат. Загадувањето на воздухот му штети на здравјето во детството и го зголемува ризикот од болести во подоцнежниот живот, според брифингот на ЕЕА „Загадување на воздухот и здравјето на децата“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни