Македонија во 2025 година била втора најзагадена земја во Европа и 34-та во светот според годишната просечна концентрација на ПМ2.5 честички, покажува новиот извештај на IQAir. Просечната концентрација во земјата изнесувала 21,2 микрограми на кубен метар, што е повеќекратно над годишната препорака на СЗО од 5 микрограми.
Најзагадени градови во земјава според извештајот биле Тетово и Струмица, со просек од 27,3 µg/m³. На листата високо се и Гостивар, Кичево и Куманово, додека Скопје е рангирано на 113 место со просек од 19,1 µg/m³. Тоа значи дека и во градовите со „подобар“ резултат воздухот останува сериозно над границата што СЗО ја смета за безбедна.
Помалку загадено од порано, но сè уште далеку од безбедно
Извештајот бележи и еден важен детал: Македонија лани имала најнизок просек на загадување во последните осум години. Според податоците од 2018 година наваму, годишниот коефициент постепено опаѓа, од над 30 на под 20 во дел од градовите. Но тоа не значи дека проблемот е решен, туку дека сме малку помалку загадени во однос на претходно, додека и натаму дишеме воздух што значително ја надминува здравствената препорака.
Во глобален контекст, IQAir наведува дека само 14 отсто од градовите во светот во 2025 година ја исполниле годишната препорака на СЗО за ПМ2.5, што е пад во однос на 17 отсто една година претходно. Извештајот опфаќа податоци од 9.446 градови во 143 земји, региони и територии, собрани од повеќе од 40.000 мониторинг-станици и сензори.
Воздухот не е само еколошка, туку и здравствена криза
ПМ2.5 честичките се меѓу најопасните загадувачи за човековото здравје. Во резимето на извештајот, IQAir потсетува дека загадувањето на воздухот сè појасно се третира како глобален ризик поврзан со срцеви заболувања, мозочен удар, рак и други незаразни болести, а особено тешко ги погодува децата.
Во македонски контекст, ова значи дека подобрувањето на бројките не смее да се претвори во изговор за самозадоволство. Ако земјата и понатаму е меѓу најзагадените во Европа, тогаш прашањето не е дали има напредок, туку зошто тој и натаму е недоволен за граѓаните конечно да добијат воздух што нема да им го загрозува здравјето секоја зима.
Следниот тест ќе биде веќе со првите студени месеци, кога загадувањето традиционално повторно расте. Извештајот покажува дека јануари, февруари и декември биле најзагадени месеци во Македонија, додека април и мај имале најчист воздух. Тоа уште еднаш ја потврдува сезонската слика, но и потребата мерките против аерозагадувањето конечно да не останат само зимска тема, туку долгорочна политика.