Заеднички визии за пристапни урбани средини – успешна студиска посета на Братислава

Од 10 до 14 септември во Братислава, Словачка, се одржа втората посета како дел од проектот ID: CITIZEN.

Со ова успешно заврши првата фаза од проектот, која опфати две посети насочени кон истражување на добрите практики за пристапност и инклузивно урбано планирање во Полска и Словачка. Посетата беше реализирана во партнерство со Фондација Интеграција (Полска), Здружение Тененет (Словачка) и Организација Рака под Рака (Унгарија), со поддршка од Меѓународниот Вишеградски фонд.

Учесниците имаа можност да се запознаат со долгогодишното портфолио на словачкиот партнер – организацијата Тененет, со седиште во Општина Сенец, каде се одржа и средба со г-а Јана Житњанска, претседател на организацијата „Држава без бариери“, долгогодишен член на Комисија на ЕУ за права на ранливи групи и пратеник во Европскиот Парламент. На состанокот со претставници на Националната канцеларија за урбано планирање на Град Братислава, учесниците на проектот беа запознаени со креирањето легислативи за пристапност во јавни средини, како и со процесите на проценка и контрола при проектирање на јавни објекти. Од страна на Деканот и научниот кадар на Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитетот во Братислава, беа претставени проекти за примена на универзален и пристапен дизајн, што е вклучен и во образовната програма на овој најголем факултет за архитектура во Словачка.  

Посетата опфати и запознавање со инклузивното игралиште во Општина Ружинов, просторно опремено со пристапни и сензорни содржини наменети за лица со попреченост од различни возрасни групи, а беше одржана и средба со заменик градоначалникот на Општина Ружинов, г. Мартин Патопрсти и г. Марек Мачата, државен советник и претседател на Комисијата за социјални прашања за размена на искуства за позитивните практики во унапредување на социјалната инклузија и просторно планирање. Посетата на интегративното училиште „Гаудеамос – Шуп“ и средбата со директорот, г. Штефан Тварожек, ја заокружи 5-дневната студиска посета на Братислава.

„Оваа посета ни даде јасни насоки за важноста од координиран и инклузивен пристап во урбаното планирање. Исклучиво преку директно запознавање со добрите практики на институциите за креирање пристапни јавни простори, образовните иницијативи и локалните политики, може да сиздадеме цврста основа за понатамошно унапредување на урбаниот простор во четирите земји.“ изјави Гере Трипков, претседателот на Здружението Икуалити.

Искуствата од посетите на Варшава и Братислава од проектот ID: CITIZEN понудија перспективи и пракси, кои ќе бидат подготвени во форма на заедничка публикација со препораки наменети за креаторите на политики во насока на подобрување на инклузивноста во сите партнерки земји.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни