Обврската за носење на зимска опрема завршува за четири дена. Задолжителното поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба, која започна од 15.11.2024 година трае до 15.03.2025 година.
Од АМСМ информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
На патниот правец Кичево – Охрид, поради градежни работи на повеќе делници, сообраќајот се одвива со девијации. Поставена е соодветна сообраќајна сигнализација и затоа препорачуваме строго почитување на истата и прилагодена брзина на движење.
На автопат А1, делница Демир Капија – Смоквица од 20.02.2025 г. до 31.05.2025 г., поради изведба на реконструкција на левата тунелска цевка на Тунел Т2 ќе има времена измена на сообраќајот. Левата тунелска цевка на тунел Т2 е целосно затворена за сообраќај, а сообраќајот е целосно пренасочен во десната тунелска цевка со двонасочно одвивање на сообраќајот.