Задолжително користење на зимска опрема за возилата од денес на сила

Синџири за снег потребно е да поседува секое возило со пневматици со летен профил

Од денес стапува на сила обврската за задолжително користење на зимска опрема за возилата, која ќе трае до 15 март следната година.

Како што информираше АМСМ, за возилата чија маса не надминува 3500 килограми, потребни се зимски пневматици со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од четири милиметри (4 mm) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази минимум од четири милиметри (4 mm) и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

За возилата со погон на сите четири тркалата потребни се зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, од шест милиметри (6 mm) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, од најмалку четири милиметри (4 mm). 

Синџири за снег потребно е да поседува секое возило со пневматици со летен профил, и притоа, во случај кога возилото е во постојан погон, синџири за снег треба да има најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да има најмалку на постојано вклучената осовина.

Возилата со маса над 3500 килограми треба да имаат  зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочината на шарите на слојот што гази, по обем и широчина од шест милиметри (6mm) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, со минимум од четири милиметри (4 mm) и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака:  „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни