Забранетиот остров на Јадранот крие мистерија: Овде можат да зачекорат само моќниците, туристите се непожелни

Дали сте слушнале за островот Ванга? Се наоѓа во склоп на Брионскиот архипелаг во Хрватска и претставува ексклузивна дестинација резервирана исклучиво за одмор на високи политички претставници. За обичните туристи – пристапот е строго забранет.

Познат и како „Рајот на Тито“, Ванга е државна сопственост со површина од 19,84 хектари и 2,65 километри долга обала, покриена со густа медитеранска вегетација. Островот е поделен на северен – резиденцијален и јужен – стопански дел.

До 1950-тите години бил ненаселен, сè додека Јосип Броз Тито не започнал да гради своја приватна резиденција тука. Таа вклучувала вински подруми, „словенечка соба“, рибарски и индонезиски салон и други простории. Во северниот дел биле сместени станбени објекти и овоштарници, а на југот – лозја и подрумски простории.

Тито тука ги поканувал само најодбраните гости. Токму на Ванга, во 1956 година, била договорена Декларацијата за формирање на Движењето на неврзаните, заедно со Нехру и Насер.

Иако островот е дел од Националниот парк Бриони, тој сè уште не е отворен за јавноста. Постојат планови за тоа, но засега останува забранет за посети.

На островот се наоѓа и најсеверната плантажа на мандарини во Хрватска, засадена во 1970-тите години. Плодовите од оваа и од соседната плантажа на островот Галија, се донираат на болници и домови.

Ванга е едно од најдобро заштитените морски подрачја во Хрватска, со богат подводен свет и зачуван биодиверзитет.

Иако затворен за јавноста, островот и понатаму плени со својата убавина и мистериозна историја.

Островот Ванга е само едно од 14-те острови, островчиња и карпи кои го сочинуваат архипелагот Бриони – национален парк со површина од речиси 3.500 хектари. Самото копно зафаќа околу 740 хектари, а вкупната должина на обалата изнесува 47 километри.

Легенда за создавањето на Брионите:
Според стара легенда, создавачот на светот сакал на Земјата да направи место што ќе личи на рај – и така ја создал Истра. Но, љубоморниот ѓавол го пресретнал ангелот кој носел камења во вреќа, ја искинал вреќата, па камењата се расфрлале низ Истра. Ангелите потоа ги собрале камењата и ги опкружиле со морски бранови – така, според легендата, настанале Брионите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни