САД го нападнаа „забранетиот остров“ на Иран – зошто Харг е толку важен?

Островот преку кој минува околу 90% од извозот на иранска нафта долго време беше поштеден од нападите, но американските сили погодиле воени цели.

Американската војска извршила напади врз воени цели на иранскиот остров Харг, кој често се нарекува „забранетиот остров“. Станува збор за клучна точка за иранскиот извоз на нафта во Персискиот Залив. Нападот доаѓа во момент на растечки тензии околу ормутскиот теснец и поморските рути за енергенси.

Островот Харг – центар на иранскиот извоз на нафта

Иако е релативно мал, островот Харг има огромно значење за иранската економија. Преку него се извезуваат околу 90 проценти од иранската сурова нафта.

Островот се наоѓа во Персискиот Залив, на околу 25 километри од иранскиот брег, и е со површина приближно една третина од Менхетен. Суровата нафта од големите ирански нафтени полиња како Ахваз, Марун и Гачсаран секојдневно пристигнува на островот преку цевководи.

Поради строгата воена контрола, во Иран често го нарекуваат „забранетиот остров“.

Пристаништата и долгите пристанишни платформи на Харг се доволно длабоки за прием на супертанкери, што го прави клучна точка за глобалната дистрибуција на нафта.

Во документ на ЦИА од 1984 година се наведува дека објектите на островот претставуваат „највитален дел од иранскиот нафтен систем“.

Според податоците на Reuters, Иран обезбедува околу 4,5 проценти од светската нафта, произведувајќи околу 3,3 милиони барели сурова нафта дневно, како и околу 1,3 милиони барели кондензат и други течности.

Што се случи во американскиот напад

Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот објави дека американската војска извела, како што рече, „едно од најсилните бомбардирања во историјата на Блискиот Исток“.

Според информациите на CNN, американските сили нападнале воени цели на островот Харг.

Снимки објавени на социјалната мрежа Truth Social покажуваат удари врз аеродромот и пистата на островот.

Американски воен претставник изјавил за CNN дека нападите биле „од големи размери“, но дека нафтената инфраструктура намерно не била погодена.

Меѓу целите биле складишта за морски мини, бункери за ракети и други воени објекти.

Иранските власти соопштиле дека на островот биле регистрирани повеќе од 15 експлозии, но дека нафтените постројки не биле оштетени, објави државната новинска агенција Fars.

Во меѓувреме, Трамп предупреди дека нафтената инфраструктура на островот може да стане цел на напад доколку Иран продолжи да го блокира поморскиот сообраќај низ ормутскиот теснец.

ИЗВОР: CNN / Reuters

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни