Забраната за паметни телефони во холандските училишта го подобрила учењето

Според Статистичката служба на Холандија, 96% од децата секојдневно се поврзуваат на интернет, најчесто преку телефони. Минатиот месец, преодната влада им препорача на родителите да забранат социјални мрежи за деца под 15 години и да го ограничат времето пред екран, а еден пратеник предложи целосна забрана на паметни телефони во училиштата

Забраната за користење паметни телефони во холандските училишта го подобрила образовното опкружување, и покрај почетните протести, според студија нарачана од холандската влада.

Националните насоки, воведени во јануари 2024 година, препорачуваат забрана за телефони во училниците, и речиси сите училишта се придржуваат до нив. Речиси две третини од средните училишта бараат од учениците да ги оставаат телефоните дома или во шкафчиња, додека една петтина ги собира телефоните на почетокот на часот.

Истражувачите анкетирале 317 директори на средни училишта, 313 основни училишта и спровеле 12 фокус-групи со наставници, асистенти, ученици и родители. Средните училишта пријавиле дека на децата им е полесно да се концентрираат (75%), социјалната средина е подобра (59%), а некои изјавиле дека се подобриле и резултатите (28%).

Д-р Александар Крепел, истражувач од Институтот Констам, изјави дека најмногу се подобриле меѓучовечките односи меѓу учениците:

„Сега не е можно некој тајно да фотографира ученик во училница и да го сподели тоа во WhatsApp група, па така се зголемила и социјалната безбедност. Особено во паузите помеѓу часовите, учениците порано беа на телефоните, а сега се принудени да разговараат… Можеби понекогаш и повеќе се расправаат, но наставниците и учениците се генерално задоволни од подобрената атмосфера.“

Фреја Сиксма, портпаролка на Советот за средно образование (VO-raad), кој ги претставува училиштата и управите, рече дека почетните стравувања биле неосновани:

„На почетокот имаше доста протести – од училишта, наставници, ученици, родители – за тоа како ќе функционира сето тоа. Но сега гледаме дека сите се прилично задоволни.“

Во специјализираните училишта, каде што се дозволени исклучоци за наставни помагала, околу половина пријавиле позитивен или многу позитивен ефект од забраната. Во основните училишта, телефоните и претходно не играле голема улога, но една четвртина од нив сепак ја оценила мерката како позитивна.

Мариел Пол, министерка за основно и средно образование, рече дека националните насоки помогнале во одржување на дисциплина на часовите:

„Наставниците и директорите укажуваа дека ако индивидуален наставник сака да забрани телефони во својата училница, тоа секогаш се претвора во расправа. Помалку искусните наставници имаа тешкотии да ја спроведат таа одлука.“

Според Статистичката служба на Холандија, 96% од децата секојдневно се поврзуваат на интернет, најчесто преку телефони. Минатиот месец, преодната влада им препорача на родителите да забранат социјални мрежи за деца под 15 години и да го ограничат времето пред екран, а еден пратеник предложи целосна забрана на паметни телефони во училиштата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни