Забраната за пиење на водата од градскиот водовод во Струга и понатаму е на сила поради зголемена матност. Водата може да се користи исклучиво за технички потреби, информира д-р Лидија Симоноска, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центарот за јавно здравје – Охрид.
Последните анализи покажуваат дека матноста на водата на дел од мерните места се движи од 0,62 до 1,73, додека дозволената граница е 1,5. Според Симоноска, на три мерни точки вредностите се веќе во нормала, но ќе следуваат дополнителни контроли.
– Матноста е намалена, но додека не добиеме три последователни примероци без отстапувања низ целиот град, нема да биде дадена препорака за пиење. Забраната останува во сила – изјави таа.
Додека градскиот водовод е поврзан со изворите во Белица и селото Заграчани, состојбата со изворот „Шум“ останува критична. Според денешните резултати, таму е измерена матност од 6,61, додека претходниот ден изнесувала 1,46.
Стружани веќе 19 дена немаат вода за пиење поради висока заматеност на изворот „Шум“, од кој се снабдува градот и дел од околните села.
Според градоначалникот Менди Ќура, причината за проблемот се ископи изведувани во изминатите години во близина на изворите. Основното јавно обвинителство – Струга веќе отвори предмет и изрече мерки против две правни лица од Велешта, забранувајќи им пристап до парцелите каде што вршеле ископи.
Првичните анализи од 9 февруари покажуваа екстремна матност од 28,56, што значително ја надминува дозволената граница од 1,5.